Здружението на новинарите на Македонија реагира и го осудува омаловажувачкиот однос и нападот кон новинари на лична основа во објавата на Civil Media со наслов: “Медиумите на кратко јаже со центарот на лагите”.
Во колумната авторот на текстот Љубомир Костовски, на непристоен начин го коментира личниот изглед и стилот на облекување на новинарот од ТВ24 Сунаи Сабриоски, а притоа прави обид за негова дискредитација и на медиумот во кој тој работи.
Укажуваме дека слободата на изразување потребно е да се промовира и негува како една од најважните човекови права, но истовремено потребно е да се знае дека остварувањата на овие слободи вклучуваат обврски и одговорности. Неспорно е правото на јавна критика, но критика на физички изглед или стил е крајно омаловажувачко и непристојно. Освен ова, Костовски во својата објава додава: “Другите телевизии даваа граѓани кои едноставно оделе во Тинекс и други шопинг центри каде цените – јасно кажаа – се замрзнати. Е, тоа е разликата која чисто покажува дека ТВ 24 е најизразениот идеолошки јаничар на овдешната ТВ сцена“.
Објавување на ваков тип на содржина за колегата Сабриоски но и користење на ваков вокабулар кон било кој медиум, може да поттикне говор на омраза од страна на трети лица. Омразата директно може да ја загрози безбедноста на новинарите и останати поединци со што кривична одговорност освен сторителите имаат и оние кои ги поттикнале делата од омраза.
Уредничкиот тим на овој медиум, не смее да се затскрива зад правото на став и колумна на своите соработници и тие имаат обврска да укажат кога со одредени написи може да се загрозат туѓи права како што е во случајов правата на колегата Сабриоски, но и правата на потенцијално други медиумски работници од оваа телевизија.
Оттука, го повикуваме авторот на текстот Љубомир Костовски и уредникот на онлајн медиумот Civil Media јавно да се извинат на колегата од ТВ24 Сунаи Сабриоски, реагираат од ЗНМ.