“Здружението на новинарите на Македонија смета дека одлуката на Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) за финансирање на МРТВ со која се намалува буџетот на националниот јавен сервис за тековната година е опасен преседан. Имено, со предвидениот буџет за 2020 година на МРТ наместо 0,9% од буџетот повторно ќе и бидат префрлени 0,8% и според пресметките, нејзиниот буџет повторно би изнесувал околу 14,5 милиони евра. Според законското решение, буџетот на МРТ требаше скалесто да расте, односно оваа година требаше да стигне до 0,9%, а до година 1% од буџетот на РСМ.
Со ваквата одлука на МИОА се нарушува концептот на финансиска независност на МРТВ, кој е еден од двата предуслова за слободни јавни сервиси. Го потсетуваме Министерството дека нема дискреционо право да предвидува колку треба да изнесува буџетот на јавниот сервис и дека ова е пример за тоа како политиката директно влијае на начинот на работата на јавниот сервис преку неоправдано кратење на фондовите кои се предвидени со закон.
Бараме повлекување на ова решение за кратење на средствата, a со тоа и со избор на новите органи на управување ќе бидат исполнети двата предуслова за создавање на независен јавен сервис. Тоа ќе придонесе за реконструкција на јавниот програмски сервис и персоналниот состав во МРТВ.
Свесни за потребата за реформи во МРТВ ги повикуваме власта и опозицијата да преземат одговорност и доследно да ги спроведат медиумските реформи пред распуштањето на Собранието. Со тоа ќе се овозможат услови за позитивни промени во јавниот сервис, што би било од полза за јавноста и целата медиумска сфера” – се наведува во соопштението на ЗНМ.