Откако новинарите одбиле да ги избришат снимките, истите биле принудени да влезат во општинската зграда на Арачиново и повторно им биле упатени исти закани. Тие и по втор пат одбиле да ги избришат снимените материјали, па инцидентот продолжил во редакцијата на ТВ21 каде истите лица му се заканиле и на главниот и одговорен уредник дека не смее да објавува ништо од снименото. Истовремено, пристигнале и полициски службеници, по што лицата кои се заканувале ја напуштиле телевизијата, а новинарот и снимателот дале исказ во полициска станица.
Ваквото насилничко и примитивно однесување особено од лица блиски до политички фигури е неприфатливо и преставува напад врз слободата на информирање. Тоа претставува класично попречување во вршењето на работата на новинарите. Ја повикуваме градоначалничката Миликије Халими веднаш да го осуди овој напад, а истовремено бараме итна и ефикасна истрага од страна на Министерството за внатрешни работи.
Овој инцидент ќе биде пријавен и во Регионалната платформа на Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите – се вели во соопштението на ЗНМ.