Четиринаесет студенти на додипломски и магистерски студенти годинава го претставуваат Универзитетот Лајден на меѓународниот натпревар за машини за генетско инженерство (iGEM). Нивниот план е да создадат комплет што може да се искористи за брзо идентификување заразни болести во случај на епидемија. Во тимот е и Македонецот Синиша Јовиќ, студент во Лајден на постдипломски студии од сферата на биомедицинските науки.
Љубовта кон истражувачката работа кај него се раѓа уште во основно училиште, кога учествува на натпреварите на млади истражувачи. Со голем труд, добива целосна стипендија на факултетот „University College Roosevelt“, во Миделбург, Холандија за по завршувањето на додипломските студии со почеста „Summa cum laude“, да му овозможи добивање на највисоката стипендија која ја доделува Универзитетот Лајден.
„За овој универзитет да биде мој избор за понатамошно школување пресудна беше и историјата на самиот универзитет и успесите во областа на медицинските и биомедицинските науки. Целиот мој досегашен труд и искуство значајно допринесоа да успеам да станам дел од тимот iGEM Leiden 2020“, вели тој.
Неговата колешка во тимот, Виолет Дефорт раскажува дека идејата за новиот патент на кој работи тимот, дошла по избувнувањето на глобалната здравствена криза.
„Забележавме недостаток на реакција на брзото ширење на вирусот. Епидемиите се појавуваат на годишно ниво ширум светот и се различни по сериозност, но тестирањето на популацијата е клучно за ограничување на понатамошното ширење. Како дел од конкурсот за натпреварот на iGEM, нашиот тим одлучи да го реши овој проблем преку развој на алатка за брзо дијагностицирање. „Рапидемик“ ќе овозможи откривање патогени-точки без да има потреба од лабораторија. Покрај тоа, комплетот ќе може конечно да обезбеди видлива дијагноза на заразни болести врз основа на примерок од телесна течност. Поради едноставноста, модуларноста и високата брзина на реакција на системот, може да послужи како алатка за брза реакција на појавите на нови епидемии“, раскажува таа.
Во моментот стравуваат дека е можно да се случи нивниот сет да не може точно да ги дијагностицира сите болести, поради што сакаат да го тестираат на различни патогени. Позитивно пак е тоа што натпреварот iGEM им дава можност и платформа за развивање нешто ново, без надворешен, најчесто финансиски притисок.
„Учесниците се охрабруваат да ја следат својата љубопитност додека се справуваат со предизвик во општеството или животната средина. Затоа, ние сме во состојба да размислуваме надвор од кутијата, со ограничувања на почетокот, за понатамошно да го рафинираме во реален проект“, додава Дефорт.
За изборот на членови на тимот на iGEM, на учесниците прво им било побарано СВ и мотивациско писмо. Дел од нив биле поканети на интервју. Процесот на селекција почнал во декември, за првиот состанок да се случи во јануари. Јовиќ во тимот е одговорен за успешната реализација на експерименталниот дел од проектот.
„Рапидемик е развиен како многустраен, генерички тест кои што може да биде доставен и складиран на светско ниво. Со креирањео на залихи од дијагностицирачки тестови значајно се намалува можноста за пренесување на еден патоген во популацијата. Понатаму, земјите од третиот Свет кои немаат доволен број на лаборатории, би забележале најголем бенефит од користењето. Кога се појавува високо патогена бактерија или вирус со можност да предизвика пандемија, научниците брзо се залагаат за секвенционирање на геномот на оваа бактерија или вирус и секвенцираниот геном постанува интернационално достапен да се овозможило развивање на молекуларни тестови. Ние го користиме секвензираниот геном за да го комплетираме нашиот тест и патогенот од интерест да биде детектиран со висока сензитивност и специфичност. Токму специфичноста на методите користени, „Rapidemic’ ќе биде во можност да детектира инфективни болести без разлика дали се од вирален, бактериски или паразитски карактер“, објaснува младиот научник.
Тој со восхит зборува за холандското високо образование, од распоредот и организацијата, достапноста на професорите, одговорноста и коректноста, па се до критичко размислување, мултиетничка средина и еднаквост кон студентите.
„Професорите посебно го ценат и вреднуваат критичкото размислување и дискутирање на една научна тема. Градење на сопствен став кој може да биде и спротивен од ставот на професорот се додека е потркрепен со резултати и факти е нешто што многу се бара и поттикнува. Секако и опременоста на лабораториите со најнови апарати е нешто што немаше да ми биде достапно за мојот вид на образование во Македонија“, додава Јовиќ.
На помош во реализација на проектот студентите ги имаат и своите професори и ментори.
„Нашиот тим имаше помош од неколку ментори, секој со искуство во различни тимски улоги и задачи. Ни помагаат секогаш кога ни треба помош, поддршка за време на проектот и помагаат во водењето на целокупниот процес на проектот. Контактот со нашите вонредни професори (Де Винд и Кленсен) најмногу се организира преку нашите ментори. Сепак, професорите ни даваат корисни контакти и совети“, вели Амбер Шонк, кој исто така е дел од тимот.
Иако конкуренцијата е силна, Шонк верува дека имаат шанса за победа на iGEM. Она за што жалат оваа година, е што сите настани ќе се случуваат онлајн.
„Со оглед на моменталната состојба, нашиот тим за жал нема да може да оди во Бостон оваа година, каде што се одржува крајната средба со сите учесници. Наместо тоа, the iGEM Giant Jamboree ќе биде домаќин дигитално. Секако, откривањето на ова беше доста разочарувачко за тимот. Сепак, ние сè уште сме високо мотивирани да дозволиме проектот да успее на начините на кои можеме!“, додава тој.
На почетокот на јуни, студентите најавуваат и „краундфандинг“ кампања. На тој начин ќе може да помогнат сите што сакаат да го поддржат нивното истражување.
„Дополнително, би сакале да го интегрираме било кој придонес, совет, искуство или соработка што може да ја обезбедите, што може да ни помогне да го подобриме нашиот проект во целина“, завршува Шонк.