Жерновски: Извештаите за „Скопје 2014“ се во вистински раце

Сподели

zernovski-pred-sjo-2

-Добрата вест е што денеска сме тука и што овие ревизорски извештаи конечно се во вистински раце и можеме да очекуваме дека правдата ќе биде задоволена, изјави градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, по исказот што денеска го даде во Специјалното јавно обвинителство во врска со проектот „Скопје 2014“.

Тој изјави дека во СЈО ги доставил двата ревизорски извештаи, изработени на барање на Општината, а во врска со контроверзниот проект. Градоначалникот не сакаше да сподели повеќе детали од исказот во ова обвинителство затоа што се работи за предистражна постапка која е тајна.

– Во СЈО ги предадов двата ревизорски извештаи, од кои првиот е подготвен во август 2013 година. Овие материјали уште тогаш беа предадени во јавното обвинителство, но, еве, веќе три години тие се ставени во фиока и обвинителството спречи вистината да излезе на виделина. Во тие материјали е точно наведено за какви незаконски постапки станува збор околу проектот „Скопје 2014“. Проектот првично беше најавено дека ќе чини 80 милиони евра, но тој сега чини осум пати повеќе, односно 640 милиони евра – изјави Жерновски.

Градоначалникот на општина Центар рече дека Македонија не може да излезе од кризата доколку „оние што ги сторија криминалите не одговараат за нив“.