Министерот за надворешни работи Бујар Османи во дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21, оцени дека внесувањето на Бугарите во Уставот е созревање на процесот и оти тоа е најдоброто решение, но дека тоа не можеме да го направиме пред почетокот на преговорите со Европската Унија.
Османи изрази стравување дека после оваа шанса, ќе има се помалку политички капитал, енергија, храброст од било кој политичар за решавање на спорот со Бугарија.
Според него, ќе се чека од Европската Унија да каже што понатаму бидејќи ние сме направиле се што сме можеле и не можеле.
– Целиот свет знае што ние направивме, така да топката веќе не е во наша половина, вели Османи.
Тој, во врска со најавата на премиерот Ковачевски за отворање македонски културен центар во Благоевград, рече дека до крајот на годината тоа би можело да се изреализира.
– Имаме еден културен центар во Софија и според нашите проценки, можеме да отвориме во било кој друг град, што би го финансирала Владата. Секако мораме прво да испратиме барање и да го известиме бугарското МНР. До крајот на годината би можело да се реализира, рече Османи во врска евентуалното отворање македонски културен центар во Благоевград.
Според него, историчарите треба да бидат прашани за името на тој центар.