Пендаровски: Прифаќањето на францускиот предлог нема да биде ниту историски триумф, ниту историски неуспех

Сподели

 

Денеска во Кабинетот на претседателот се одржа 16-та седница на Советот за безбедност, на чиј дневен ред беше модифицираниот предлог на француското претседателство со ЕУ за почеток на пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европската Унија.

 

 

“Имавме 16-та седница на Советот за безбедност. Мислам дека е најдобро да се концентрираме на тоа што јас мислам врз основа на целата таа дискусија и на она што го гледам, во она што самиот учествував изминативе месеци и месеци. Нема да ве заморувам со тоа кои беа почетните бугарски предлози пред две години за кои инаку не добија поддршка од ниту еден наш сојузник или партнер во рамки на Европската Унија во Брисел, од оние небулозни барања: јазик, нација, окупација, администрација итн., да денес во суштина се сведат на нивното главно барање, а тоа е внесување на бугарската заедница во нашиот Устав.

Би сакал на почетокот, во една реченица, ако можам да ја опишам целава ситуација на исклучително високи политички тензии во земјава: не верувам дека е точна перцепцијата која се создава во дел од јавноста дека ова е судбинска дилема да се биде или не и за нацијата и за државата и дека наводно деновиве треба да донесеме одлука која ќе ја дефинирала судбината на идните генерации Македонци и македонски граѓани.

Мојот став е дека со одлуката да го прифатиме модификуваниот француски предлог би носеле само одлука да ги отвориме преговорите, а знаете дека тие траат со години. Времето на кратки преговори заврши во минатиот век кога беше можна синхронизација, како ја нарекуваат, на националната легислатива со ЕУ акито за година или две. Досега Србија преговара 9 години, Црна Гора-10 само како последни илустрации на регионот.

Одлуката да го прифатиме модификуваниот француски предлог нема да биде ниту историски триумф, како што би сакале да кажат од едниот камп, ниту историски неуспех или дебакл како што велат оние од другиот камп.

Според мене, станува збор за транзиционен компромис за една од фазите на европските интеграции, во која 3 елементи се битни и затоа предлогот, според мене, во овој формат, во оваа фаза е прифатлив.

Прво, со предлогот ја креваме бугарската блокада која трае повеќе од две години и дозволува предлогот, дозволува формално отворање на преговорите после 17 години чекање. Второ, овозможува скрининг процес што е задолжителна фаза пред преговорите за кластерите, порано поглавјата, и трето, што е апсолутно најважно, не само за мене, за секој од нас, ама баш со ништо не го поткопува македонскиот идентитет, затоа што за клучната, темелната одредница на тој идентитет, за македонскиот јазик, во предлогот има чиста формулација, без фусноти.

Зошто го нарекувам транзиционен компромис? Затоа што го решава актуелниов проблем, актуелнава блокада, но, во себе има предвидено де факто нова блокада, која овој пат, може да биде и најверојатно ќе биде наша, домашна. Знаејќи ја внатрешната политичка констелација потребниот праг за уставни промени од две третини во овој моменти изгледа сосема недостижен. Во тој услов е содржан и најголемиот парадокс на предлогот – имено, никој, во принцип, тука дома кај нас, нема против влезот на Бугарите во Уставот, но, внатрешната поларизација го оневозможува консензусот по тоа прашање.

Овој услов, според мене е и најголемата слабост на предлогот, иако уставните измени ќе дојдат на дневен ред по скринингот, или според некои експертски проценки, дури на почетокот на 2024 година.

Можете да прашате дали можеби во овој дел не сме можеле и повеќе да постигнеме. Да бидам искрен, убеден сум дека не сме можеле. Држава со 1.8 милиони жители и просечна плата од 500 евра, толку може од позиција на кандидат за членство. Не тврдам дека во преговорите за сето време во изминативе 2 години не можело да се добие и нешто поквалитетно во одредени аспекти, но, тоа евентуално би биле детали, не би биле суштина сигурно.

 

 

Сакам да прокоментирам неколку тези поврзани со овој француски предлог за кој најмногу се дебатираше деновиве.

Прво, зошто е билатералниот договор со Бугарија внатре? – Еве зошто: прво, добрососедските односи се дел од Копенхашките критериуми од 1993 година, значи без малку три децении наназад.

Второ, и Преспанскиот договор е во француската рамка, чија имплементација во одредени сегменти знаете не е завршена затоа што зависат од почнувањето и завршувањето на преговорите по одредени кластери – има таму т.н. политички и технички рокови кој почнуваат дури од тогаш да течат, од кога ќе почнат преговорите по соодветното поглавје, односно кластер.

Трето, да не заборавиме дека Рамковниот договор беше главниот услов да добиеме кандидатски статус во 2005 година, што е домашен, меѓутоа во исто време со меѓународни гаранти и меѓународен договор. И она што сме го заборавиле, постарите го паметат – од 1997-ма за првпат ЕУ ја внесува, како еден од условите за новите членки т.н. регионална клаузула, што ќе се рече во превод: без добри односи со вашите соседи не можете да претендирате да влегувате во ЕУ – затоа и договорот е внатре.

Втората теза е дека Бугарите со овој предлог ќе не кочат, кога сакаат и како сакаат. Тезата да не ја повторувам, ја знаете: досега Бугарите кочеа како сакаа и без предлог, како сакаа и кога сакаа. Таква можност, се разбира, и понатаму има бидејќи тоа е вградено во механизмите по кои влегува секој, секоја држава која влегува во ЕУ, но јас тврдам дека тие механизми сега, откако би почнале да преговараме ќе бидат драстично намалени како можност, како варијанта затоа што откако овој предлог ќе стане европска рамка ќе биде редуцирана можноста за т.н. чести или чисти национални блокади од било кого, вклучително и од Софија. Имено, евалуацијата на нашиот договор билатерален со Бугарија оди на две нивоа.
Едното е чиста билатерала, еднаш годишно најмалку, средби на Владите и евалуација – заедничка проценка, значи не еднострана, заедничка што е направено, што не е направено и второ, Европската комисија, според предлогот, Европската комисија во Брисел исто прави евалуација што е направено, а што допрва треба да се направи. Значи со други зборови, од денес натаму ако, се разбира Владата, Парламентот понатаму го прифатат овој предлог, нема само Бугарија како досега да го цени нашиот напредок, туку и Европската комисија. На кратко кажано, мислам дека ќе се согласиме: подобро е Брисел да нѐ проценува, отколку Софија, или отколку само Софија.

Трето, имаше теза дека историјата е, од денес натаму, или од денот кога ќе го прифатиме овој предлог низ институциите е услов за понатамошен прогрес во преговорите. Тоа не е точно. Со францускиот предлог кој утре ќе биде паневропски, ако и ние го прифатиме, историјата воопшто не е услов. Има само една реченица и во предлогот и во протоколите кои многу се спомнувани, а малкумина ги имаат прочитано до крај, се дека се препорачува историската комисија да ја динамизира својата работа и да има помеѓу осум и дванаесет средби годишно, без да се сугерира од политичките фактори каква треба да биде нивната работа и во која насока да се движи. Значи, сугестија почесто да се среќаваат историчарите од двете страни. Во овој дел сакам да кажам дека на денешната средба на Советот, разговаравме со владините претставници, се разбира и со премиерот, очекувам – им реков дека очекувам и дека јавно ќе го соопштам тој став, откако францускиот предлог ќе влезе во Владата наредниве денови, не ја знам нивната динамика и агенда, очекувам заклучоци на Влада кои во случај да го прифатат овој предлог би морале да имаат една реченица плус и тоа би морало да се повтори и во извештајот на Владата до Парламентот, дека од денот кога ќе ги отвориме преговорите, до денот кога ќе ги завршиме преговорите, после не е битно колку години, ако има евентуално дополнителни обиди од бугарска или од чија било страна во рамки на тие преговори со Европа, повторно да се спомнува или да се заговара влез во дискусиите на прашањата наречени македонски идентитет, македонски јазик, македонска историја, дека во истиот момент, не треба да чекаме ниту час некој друг да не блокира туку ние самите треба да се повлечеме од тие преговори.

Последната, или една од последните, тези која сакам да ја искоментирам накусо е дека постои страв кај еден значаен дел од Македонците, дека во Европската Унија, можеме да влеземе само како Бугари и на ниеден друг начин.

Драги пријатели, мислам дека сите сме свесни како воопшто еден Македонец може да стане Бугарин. Со ваша, со моја, со наша волја, ако така се чувствуваме и тоа многумина од нашите граѓани го прават, земајќи бугарски пасоши. А вториот начин е преку окупација, да дојде овде странска сила, и да ви рече под сила и под закана, вие мора да се пишете Бугари. Македонци сте биле досега, но од утре ќе бидете Бугари. Не постои во историјата на светската дипломатија, а особено во помодерната, изминативе век или два, дека со билатерален или мултилатерален договор, некој направил преку ноќ, цел еден народ со друга етничка идентификација. Ниту тоа овој предлог го заговара, ниту може да го заговара. Ниту некој нормален би преговарал, ако воопшто има такви намери, која било од страните кои беа инволвирани во правењето на овој француски предлог, не само Бугарите.

И последната теза која сакам да ја искоментирам е дека постои страв, со право, кај многу Македонци, дека Европа со години игра дупла игра со нас, дека е лицемерна, дека е дволична, и дека тоа особено се однесува на клучните држави во Европската Унија. Од позиција на човек кој имал бројни средби со врвните европски политичари, не само последниот пат сега во Мадрид на Самитот на НАТО, туку и претходно, ве уверувам дека во моите разговори и со Шолц и со Макрон, и со Шарл Мишел, со кој било висок европски претставник, или претставник на најмоќните европски држави, немам добиено впечаток дека тие сакаат да ја разнебитат македонската нација и македонскиот народ. Напротив, и од претседателот Макрон и од канцеларот Шолц, беше изразена желба, да дојдат, да се обратат во нашиот Парламент, Шолц дури има идеја, се разбира на наша покана, во најскоро време, да дојде во Скопје, во Северна Македонија, и да се обиде, тоа е негова желба, негова намера, да се обиде да го оживее, малку подзамрениот Берлински процес, со тоа што би дошол на чело на една голема бизнис делегација, од германската бизнис комора. Нивниот интерес, според, сите мои проценки и согледувања, е економски.

Не гледам дека е нивниот интерес да менуваат нечија етничка карта, вклучително и нашата – македонската. И чисто се сомневам дека претседателот на Француската Република, Макрон, или бундесканцеларот Шолц би доаѓале, би изразиле желба да дојдат во Скопје, притоа да се обидуваат да го разнебитат македонскиот народ, да ја уништат државата, само за да не примат во ЕУ, некоја година од сега, како Бугари. Мислам дека е илузорно, несериозно воопшто да разговараме на таа тема, бидејќи одбивам да верувам дека намерите на овие двајца, или на било кој друг европски висок политичар се токму такви.

Со овој предлог, според моја проценка остануваме на европскиот колосек кој е долг, прилично долг, но во овој момент, до овој момент не губиме баш ништо. Убеден сум дека баш сега е време, да го отвориме, јас би го нарекол, тој Стратешки дијалог меѓу нас, овде, не само за тие две третини за Уставот, уште повеќе за нешто друго, според мене е далеку побитно прашање, за кое исто така ќе ни треба натпартиски консензус идентичен како во раните деведесетти години.

Имено, поддршката за ЕУ драматично паѓа, најмногу заради постојаните условувања кон нас и кон другите држави од Западниот Балкан. Најголем генератор, објективно кажано, за оваа ситуација, за овој проблем е Брисел. Проширувањето е оттаму закочено за целиот западнобалкански регион. Не велам, бидејќи не би било точно ако кажам така, дека ние ги направивме сите потребни реформи, но проширувањето во Брисел со години е на маргините, на дното на нивната политичка агенда. Ако зборуваме реално и последната нивна одлука за доделување на кандидатскиот статус на Украина и на Молдавија е чисто симболична одлука. Сите знаеме дека држава која е на нападната, која се наоѓа во сред војна, не може да направи, и да сака никакви реформи.

Ние деновиве, разговараме само, повторувам, само за отворање на тој процес. Србија и Црна Гора преговараат без малку 10 години, и крајот на тој процес за нив не се гледа, а во меѓувреме Брисел промовира нова организација, нов формат на соработка наречена почетно Европска политичка заедница, за која велат дека наводно треба да ни помогне побрзо да се приклучиме кон Европската Унија. Прашувам која е гаранцијата дека Европската политичка заедница нема да биде де факто алтернатива за Европската Унија. Повторувам де факто, затоа што јавно, сигурно никој од Брисел, нема така да ја дефинира.

Затоа, инсистирам час поскоро да започнеме сериозна наша тукашна, национална дебата за тоа кој ќе биде нашиот став во однос на сите овие иницијативи и прашања, со кои може темелно да биде преуредена политичката архитектура на континентот” – изјави претседателот Пендаровски.