Хакирани Јутјуб и Твитер на британската армија заради промоција на измами со криптовалути

Сподели

 

Сметките на британската армија на Јутјуб и на Твитер биле хакирани и користени за промовирање на измами со криптовалути, потврди во неделата Министерството за одбрана на Обединетото Кралство, а пренесе „Би-би-си“.

Не е јасно кога точно хакерите ги презеле двете сметки, а каналите сега се вратени во нормала.

На каналот на Јутјуб се појавиле видеа за криптовалути со слики од бизнисменот и милијардер Илон Маск. На профилот на Твитер, пак, биле ретвитнати неколку објави поврзани со НФТ – вид на електронско уметничко дело за инвестирање.

Британската армија го потврди „преземањето“ на каналите, додавајќи дека ја сфаќа безбедноста на информациите исклучително сериозно и дека го решава проблемот. Засега не е јасно кој стои зад хакерските инциденти, поради кои и сметките биле преименувани.

Ова не е првпат канали од висок профил на Твитер да бидат цел на хакерски инцидент.

Во јули 2020 година, неколку американски големи канали беа преземени од хакери во очигледна измама со Биткоин. Меѓу засегнатите сметки се најдоа оние на Џо Бајден, Барак Обама, Илон Маск, Џеф Безос, Бил Гејтс и Канје Вест./Мета.мк