Делегација на Уставниот суд на регионална конференција во Белград

Сподели

 

Делегација на Уставниот суд на Република Северна Македонија учествуваше на регионална конференција на тема „Примена на Европската Конвенција за заштита на човековите права-искуства и предизвици на судовите во Централна и Југоисточна Европа”. На настанот беше потенцирана улогата на националните судови и судиите во постапките со цел овозможување на ефективна заштита на правата од конвенцијата. 

Во текот на двата дена од конференцијата, претставниците на највисоките судски инстанци на Централна и Југоисточна Европа дискутираа на пет тематски панели: „Слободата на изразување и судовите“, „Правото на непристрасен суд во кривичната постапка“, „Борбата против организираниот криминал во практиката на Европскиот суд за човекови права и домашните судови“, „Стекнување и губење на имотни права – принципи на добра волја и добра управа“ и „Процесни права – право на пристап до судот во граѓански прашања“.

На конференцијата која се одржа на 15 и 16 септември во Белград  учествуваа судии од Европскиот суд за човекови права и судии од уставните и врховните судови на Федерацијата Босна и Херцеговина, Република Српска, Црна Гора, Северна Македонија, Хрватска, Словенија и Србија.  Нашата делегација ја предводеше Добрила Кацарска, претседателката на Уставниот суд  и Мирјана Лесевска  шефицата на кабинетот и советничка на Судот. Конференцијата ја организираше Врховниот касационен суд во Србија со поддршка на проектот „Зајакнување на ефективни правни средства за спречување на кршењето на човековите права во Србија“, кој се спроведува во рамките на заедничката програма на Европската Унија и Советот на Европа.