“ОД БАХАНТКИТЕ ДО АГАВА” во МНТ

Сподели

 

ОД БАХАНТКИТЕ ДО АГАВА, МНТ, 16 февруари, Според: Еврипид/Тамара Барачков, Режисер: Нина Николиќ
Во „Бахантките“ на Еврипид, една од Тебанките која го прифаќа култот на Дионис — Агава, поголемиот дел од драмата го поминува „надвор од сцената“, таа е ликот за кој се зборува, а нејзиното однесување е предмет на толкување и прераскажување на останатите (машки) ликови: пред сè синот Пентеј, таткото Кадмо, Дионис, но и Гласникот, сведокот на баханалиите. Значи, Агава е жртвата и средството за одмазда на Зевсовиот и Семелиниот син, која како лик отсуствува до самиот крај. Додека се одвива главниот конфликт на линијата меѓу Пентеј — Дионис, Агава прозборува само во последниот чин, по чедоморството. Но, злочинот го прави во состојба на занес и транс, таа сопствените постапки не е во состојба рационално да ги процесира/обработи и да ги вербализира. Токму затоа, во процесот на развивање на овој текст, во кој гласот и централниот простор ѝ се дава на Агава, се обидовме да го дефинираме коренот на нејзините проблеми и незадоволството. Прашањето од кое тргнавме е: која е оваа жена денес?
Од текстот сосема го отстранивме божествениот, односно митолошкиот аспект и приказната за Агава и Дионис ја поставивме во рамките на трагедијата на животите на обичните смртници. Така, Дионис не сака признание во градот, туку во рамките на семејството кое се откажало од него уште како бебе – тој е човек без идентитет, желен да припаѓа некаде и да биде прифатен. Од друга страна, Агава е самохрана мајка, работничка во фабрика за преработка на текстил, која своето секојдневие го поминува служејќи им на другите дома и на работа. Овие двe осамени единки се препознаваат и се обидуваат да создадат микросвет во кој ќе го добијат она што им недостига. Доаѓањето на Дионис го буди сознанието во Агава дека таа може да биде многу повеќе од невидлива и експлоатирана, подредена жена. Но, нејзиното ослободување носи трагични последици.
Тамара Барачков, драматург
 
Напомена – во претставата се користи стробо – односно појаки светлосни ефекти.
Претставата е копродукциски проект помеѓу: Перипетија продукција – Скопје, РСМ НУ Македонски народен театар и Градски театар од Јанина, Р Грција.