Жан Митрев бара од странските амбасади активно следење на процесот на ОЈО

Сподели

 

Д-р Жан Митрев и Клиничката болница Жан Митрев испратија писма до амбасадите на САД, Франција, Германија, Велика Британија, Холандија и до Делегацијата на ЕУ во државата со кои ги информираа за текот на истрагата во случајот против докторот и Клиниката. Покрај информирањето со писмото се упатува повик за нивното внимание и поголем мониторинг на одвивање на целата истражна постапка и основаноста на обвинението, поради досегашното површно иследување на постапката.

„Ви се обраќам со намера да Ве информирам и запознам за случајот што верувам дека може да остави длабоки траги во општественото живеење, во перципирањето на здравствената професија и случај што претендира да воведе лоша пракса во правосудниот систем во државата. Ваквите примери можеби се ретки, но и како такви може да предизвикаат штета со далекусежни последици“, стои во писмото до амбасадите и европското претставништво.

Во писмото, д-р Митрев осврнувајќи се на работата на клиниката, со акцент на периодот од Ковид пандемијата за кога се однесува обвинението и кога Клиничката болница Жан Митрев го има највисокиот процент на успех во третманот на пациенти со Ковид-19, со 74,6% излечени од сите случаи, додека пак смртноста е 25% наспроти 51,5% во другите болници, го потенцира општествено значење на клиниката затоа што нуди врвна медицинска нега, максимален професионален ангажман и посветеност на добросостојбата на пациентот и надеж за излекување и за живот, дури и кога тоа не било случај во другите клиники.

„И покрај овие резултати, и покрај пожртвуваната работа на целиот тим, денес Клиничката болница Жан Митрев и моето име и дело се предмет на истрага за која имаме основани сомневања дека се спроведува површно, без да се навлезе во суштината.

Со ваквиот пристап не само што се занемаруваат многу елементи коишто се факти сами по себе, туку и се спречува фактичната вистина што нашите пациенти ја знаат и ја доживеале, што ние како персонал на клиниката сме ја доживеале, да биде докажана и институционално потврдена. Ваквиот површен пристап, само ја гребе површината на приказните за борбата за живот и ја девалвира пожртвуваноста на целосниот персонал на Клиниката Жан Митрев, кој во тие моменти грижата за пациентите со Ковид 19 и последици од коронавирусот ги стави пред себеси и своите семејства“, наведува во писмото д-р Митрев.

На крајот од писмото повторно се упатува повик за зголемен мониторинг на процесот заради несериозниот и површен пристап: „Сведоштва за несериозноста и нецелосно иследување пристигнуваат од сите оние што се повикани како сведоци и кои можат најавтентично да посведочат како се боревме за животот и колку животи спасивме.

“И затоа Ви се обраќам со надеж и желба дека ќе го поттикне Вашиот интерес и ќе го побуди Вашиот фокус на мониторинг на овој случај. Верувам во една вистина, онаа што е поддржана со факти, и онаа што некој ја доживеал, треба само да се создадат услови за истата да ја види светлината на денот и да се толкува таква како што е, недвосмислено и целосно“, го завршува писмото д-р Митрев.