Средба на премиерот Ковачевски со амбасадори на земји членки на ЕУ

Сподели

 

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски имаше состанок со шефот на Делегацијата на Европската Унија, Дејвид Гир и со амбасадори на земји членки на Европската Унија, во нашата држава.

Станува збор за редовен годишен состанок со резидентни амбасадори, на којшто, заедно со премиерот Ковачевски, денеска присуствуваа и Артан Груби, првиот заменик на претседателот на Владата, Славица Грковска, заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Фатмир Битиќи, заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економски ресори и инвестиции, Бојан Маричиќ, заменик на претседателот на Владата за европски прашања и Бујар Османи, министер за надворешни работи.

 

 

На состанокот е разговарано за актуелни прашања поврзани со текот на евроинтеграцискиот процес на нашата држава како и за предизвиците во глобален контекст, предизвикани од војната во Украина на економски и безбедносен план.

Пренесена е пораката дека европската перспектива на Република Северна Македонија е реалност и дека државата може да смета на европските партнери и во поддршката за натамошните исчекори во евроинтеграцискиот процес.

Соопштено е дека се почитува лидерството во напредокот на државата и во храбрите и мудри одлуки што се носат во таа насока и дека се вреднуваат постигнувањата на рефомски план. 

Најавена е натамошна поддршка и во делот на реформите, бидејки, како што е оценето, евроинтеграциите се опцијата за иднината и квалитетот на живот на граѓаните во Северна Македонија.

Премиерот Ковачевски и владините претставници изразија благодарност за значајната поддршка на европските партнери во сите важни процеси за демократијата во земјава, при напредокот на Северна Македонија и отворањето на преговорите, во придвижувањето на процесот напред, како и за финансиската поддршка во напорите за надминување на предизвиците во глобалната, економско-енергетска криза.

„Отворени сме како Влада да ги зајакнеме капацитетите на Владата и да го зголемиме парламентарното мнозинство. Наши стратеши партнери се ЕУ и САД и ќе продолжиме да ја развиваме државата во таа насока, којашто носи сигурност и квалитетен живот на граѓаните, со фокус и кон сите реформи и во делот на владеењето на правото. Ние сме граѓанска држава, успешен пример на функционална, мултиетничка демократија, држава на рамноправни граѓани, со еднакви права и обврски и во тоа е нашата големина и вредност. Ќе продолжиме по патот напред, при тоа, со категорична заштита на идентитетските одредници и на достоинството на граѓаните“, рече премиерот Ковачевски.

На состанокот е соопштено дека предвремени избори не се опција, бидејки тие не се поврзани со можноста за напредок на државата, туку за политички агенди што не се во интерес на граѓаните.

„Избрани сме да водиме, Република Сверена Македонија го заслужува членството во Европската Унија, тоа е иднината на државата и ќе продолжиме да ја развиваме по европскиот пат“, рече вицепремиерот Груби.

Во дискусијата, од страна на владините претставници е оценето дека се реалност заканите од растечки национализам за лични и туѓи интереси во државите од Западен Балкан, поради што е неопходно да продолжи проширувањето на Европската Унија.

На состанокот беше потенциран позитивниот тек на скрининг процесот, со очекување дека фокусот при вреднувањето останува на примената на европските стандарди и европските вредности.