Јавниот обвинител Љубомир Јовески денеска се обрати на конференцијата „Подобрување на ефикасноста, транспарентноста и отчетноста на Јавното обвинителство“ на која беше презентирана алатката во изработка за мерење на перформансите на јавните обвинителства.
Во своето обраќање, Јовески потенцираше дека јавните обвинители не бегаат од отчетност и одговорност за својата работа, но и другите чинители на власта мора да ги обезбедат сите услови за да се овозможи ефикасно функционирање на Јавното обвинителство.
„Очекувањата на јавноста кои се однесуваат на ефикасното извршување на работата може да се остварат доколку обвинителствата располагаат со соодветни човечки, финансиски и материјални ресурси за кои во повеќе наврати сум говорел дека не се на неопходното ниво. Квалитетот и ефикасноста на работата на јавните обвинители не зависи само од нивната подготвеност и вештини туку и од обезбедувањето на овие материјални основи“, рече Јовески.
Тој нагласи дека јавните обвинители работат во интерес на општеството и граѓаните, така што лично како јавен обвинител не може да се помири со ниската доверба на граѓаните во правосудството.
„Јавноста има потреба и заслужува подобро разјаснување на правниот процес на работата на јавните обвинители со што ќе се покаже дека нашите истраги и обвиненија се легитимни и засновани врз цврсти докази“, рече Јовески.
Министерот за правда Кренар Лога потсети дека од 1 јануари на сила е задолжителната примена на системот за електронска евиденција на предметите во Јавното обвинителство, кој треба да овозможи непрекинат проток на податоци и информации во врска со постапувањето на јавните обвинителства.
„Без видливост на работата и постигнатите резултати, без мерливи и квалитетни споредбени податоци кои се собираат и обработуваат, исто како во земјите членки на Советот на Европа и Европската унија, правдата ќе остане слепа и нема, а граѓаните нема да ја добијат уставно загарантираната заштита“, порача Лога.
Според претседателот на Советот на јавните обвинители Антонио Јолевски, пак, алатката која се нуди во рамките на проектот „Развој и воведување алатка за следење на перформансите на јавнообвинителскиот систем во Република Северна Македонија“, финансиран од Владата на Обединетото Кралство со поддршка на Британската амбасада во Скопје, ќе овозможи подобрено следење на ефикасноста.
„Ќе ни помогне и нам во Советот да увидиме каде имаме проблем со кадри, да се види обемот на работа на јавните обвинители, а со тоа да се подобри и перцепцијата на граѓаните за нашата работа“, рече Јолевски.