Дронови оштетија згради во Москва, во Киев трет напад за 24 часа

Сподели

 

Русија ја обвини Украина дека извршила серија напади со беспилотни летала рано утрово врз Москва. Руското Министерство за одбрана на Телеграм објави дека Кијив организирал „терористички напад“ користејќи најмалку осум дронови, пренесува Би-би-си.

Градоначалникот на рускиот главен град, Сергеј Собјанин, вели дека е причинета штета на неколку згради, но дека никој не е сериозно повреден.

Министерството за одбрана на Русија тврди дека сите дронови биле пресретнати од нивните противвоздушни сили.

Како што пишува Би-би-си, засега нема коментар од официјален Кијив, но вчера шефот на военото разузнавање на Украина, генерал Кирило Буданов, предупреди на „брз одговор“ на серијата руски ракетни напади врз Кијив.

Нападите врз руската престолнина следуваат по нападот со беспилотни летала во текот на ноќта врз главниот град на Украина, при што украинските власти соопштија дека загинало најмалку едно лице.

Тие информираа дека остатоците од леталата запалиле неколку згради, додека украинската воздушна одбрана пресретнала повеќе од 20 беспилотни летала.

„Гардијан“ пишува дека во Кијив сè уште се огласува воздушен аларм, откако Русија го изврши третиот напад врз овој град за само 24 часа.

Во нападот повредена е и 27-годишна жена.

Укринформ објави дека во изминатово деноноќие руските војници извршиле 62 воздушни напади и отвориле оган со повеќекратни ракетни системи за лансирање. Според Генералштабот на вооружените сили на Украина, заканата од руски ракетни и воздушни напади опстојува низ целата украинска територија./Мета