Министерката Петровска во неколкудневна посета на САД

Сподели

 

Министерката за одбрана Славјанка Петровска пристигна во неколкудневна посета на Соединетите Американски Држави, каде ќе има бројни средби со високи претставници на американската администрација, вклучувајќи го и секретарот за одбрана на САД, Лојд Остин.

Министерката Петровска информираше за оваа средба како и за останатите активности во САД, меѓу кои и посетата на Државниот универзитет на Северна Каролина и одбележувањето на 30-годишнината од воспоставувањето на партнерството помеѓу Армијата на РС Македонија и Националната гарда на Вермонт во Берлингтон.

На средбата со американскиот секретар за одбрана Остин, порача Петровска, ќе стане збор за иднината, за предизвиците и за тоа како и двете земји да останат гарант на сигурноста и стабилноста на Балканот и на евроатлантската област.

 

„Ако нешто ја одвојува нашата земја и нашата политика од останатите, тоа е дека ние сме гласот на разумот и мудроста. Нашата политика отсекогаш се темелела на вредности и на можности, на отвореност и на искреност. Евроатлантските вредности се нашата водилка во носењето на секоја одлука и тоа нашите американски пријатели и поддржувачи вистински го ценат. Колебањето и одложувањето на носење политички одлуки не се одлика на лидери, и тоа само ја враќа земјата назад. Живееме во време со сериозни предизвици кога носењето државничка одлука е обврска кон татковината, а не добра волја“, рече Петровска.

Значаен дел од посетата е наменет и за одбележување на 30-годишнината од воспоставувањето на стратешкото партнерство помеѓу Армијата на Република Северна Македонија и Националната гарда на Вермонт. Во Берлингтон, министерката Петровска ќе посети неколку капацитети на Националната гарда на Вермонт, ќе има средба и со гувернерот на оваа сојузна држава, Фил Скот, а домаќин на делегацијата која го вклучува и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски ќе биде командантот на Националната гарда на Вермонт, генералот Грегори Најт.

„Со Националната гарда покажавме дека нашите војници се вистински сојузници, но и пријатели меѓу кои има взаемна почит и доверба. А, токму довербата може секогаш да отвори нови можности за соработка, развој и да даде нова енергија и амбиција за поголеми успеси“, истакна министерката.

Во САД предвидени се средби и во американскиот Стејт Департмент, како и посета на Агенцијата за безбедносно – одбранбена соработка на САД, и средба со нејзиниот директор, Џејмс Хрш.

Делегацијата ќе го посети и Универзитетот Норвич, каде ќе се разговара за продолжувањето на соработката на овој најстар приватен воен колеџ со Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“.