Демократскиот сојуз бара темелна реформа на судскиот систем

Сподели

 

Демократскиот сојуз подолго време инсистира на темелни реформи на судскиот систем, меѓутоа СДСМ и ДУИ ги кочат истите. Главна цел на овие партии им е преку целосна партизација да имаат целосна контрола над Судскиот совет и судиите во целина, се наведува во соопштението на Демократскиот сојуз.

Во функција на итни реформи предлагаме: Прво, да се направи ревизија над работата на секој судија и на членовите на Судскиот совет: професионалниот однос спрема работата, коруптивноста, поврзаноста со политичките партии, имотната состојба и други елементи клучни за извршување на функцијата.

Второ, Собранието по сеопфатна расправа да донесе заклучоци членовите на Судскиот совет да поднесат оставка, во спротивно да донесе законски измени со кои на сите членови на Судскиот совет ќе им престане мандатот и спроведе постапка за избор на нови членови врз основа на цврсти критериуми  и транспарентна постапка. Трето, да се направат измени на Уставот со кој ќе се брише амандманот за судијата да не одговара кривично за донесена одлука.

Четврто, да се донесе Предлог -Законот за преиспитување на факти и докази користени во судска постапка, со што ќе се создадат законски услови за обнова на монтираните политички – судски процеси. Преку повторување на постапката ќе се види улогата на секој судија, обвинител, припадник на МВР и моќниците од политичкиот врв. Тоа ќе биде сериозна основа за поширока кадровска обнова. Корумпирани судии и обвинители, како и без интегритет, подложни на влијанија од партиите или други центри на моќ, треба да понесат одговорност. 

Инаку, предлог-законот за преиспитување на факти и докази веќе три години го блокираат СДСМ и ДУИ во Собранието.

Демократскиот соуз предлага Министерството за правда, во најкус рок, да подготви законски решенија за реформи во правосудниот систем во целина.