Владо Ѓорчев, новинарот на „Мета“, доби награда за истражувачка сторија за корупција

Сподели

vlado-nagrada

Новинарот на новинската агенција„”Мета“, Владо Ѓорчев, за текстот „Превозниците од „Транспортер“ не сопреа, туку тераат по старо, па и уште побрзо“, ја доби втората награда од конкурсот за најдобра новинарска истражувачка приказна на тема корупција, кој се спроведе како дел од Програмата на УСАИД за антикорупција.

– Истражувањето беше интересно, особено за да ги најдам сите луѓе инволвирани во истрагата на Специјалното јавно обвинителство, она што се вика втора страна, а кои дотогаш ги немаше консултирано никој. За моја среќа, ги добив повеќето од нив.  Сите знаеме дека во Македонија е тешко да се направи истражувачка сторија, дури на моменти и невозможно, но јас сум упорен и не се предавам така лесно. По разговорите со инволвираните, веќе наредниот ден ми се јавуваа, условно кажано, нивните портпароли и ми се закануваа – рече Ѓорчев.

Првата награда од конкурсот му припадна на Влатко Стојановски од „Фокус“ за текстот „Владата потроши една милијарда евра на субвенции, а увозот на храна е удвоен“.

Третата награда ја доби новинарката на порталот „Нова ТВ“, Кристина Озимец, за текстот „СЈО бара имот на Талески во Хрватска“.

На конкурсот учествуваа девет истражувачки стории, а проектот беше спроведен од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и од Институтот за демократија „Социетас цивилис – Скопје“ (ИДСЦС).