Ахмети, Касами и Села на средби со косовскиот претседател Хашим Тачи

Сподели

Косовскиот претседател, Хашим Тачи денеска имал средби со лидерите на албански партии од Македонија – ДУИ, Беса и Алијанса на Албанците, кои обезбедија пратенички мандати во Собранието, на предвремените парламентарни избори на 11 декември.

Тачи, како што соопштуваат од неговиот кабинет, на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на претседателот на Движењето Беса Билал Касами, и на лидерот на Алијансата на Албанците Зијадин Села им честитал за спроведените фер и демократските избори.

На средбите, според соопштението, било разговарано за „потребата од соодветна координација на албанскиот политички фактор во Македонија, со цел да се почитува слободно и демократски искажаната волја на Албанците на предвремените парламентарни избори“.

„Претседателот Тачи им честиташе на соговорниците за однесувањето на албанските политички партии пред и по одржувањето на изборите, кое треба да се рефлектира и на реафирмацијата на програмата и стратешките определби на Албанците кои се во интерес на европската иднина на Македонија. На средбата претставниците на парламентарните политички партии во Македонија ја изразија нивната подготвеност максимално да се заложат и на најдобар може начин да ги застапуваат Албанските интереси, во функција на напредокот и стабилноста на Македонија на долг рок“, стои во соопштението од кабинетот на косовскиот претседател за средбата со тројцата политички лидери.

Лидерите на ДУИ, Беса и  Алијанса на Албанците кон крајот на минатата година, кратко по изборите, беа на средби и со премиерот на Албанија, Еди Рама, во Тирана, каде исто така било разговарано за постизборните состојби во Македонија.

meta.mk