Судскиот совет ја потврди оставката на в.д. претседателката Татјана Михајлова

Сподели

Судскиот совет потврди дека в.д. претседателката на Основниот суд Скопје 1, Татјана Михајлова поднела оставка.

„Судијата Татјана Михајлова вчера, на 07.03.2017 година, со писмен поднесок го извести Судскиот совет на Република Македонија дека поднесува неотповиклива оставка на функцијата в.д. претседател на Основен суд Скопје 1 Скопје. Во текот на денешниот ден Судскиот совет на Република Македонија ќе преземе мерки за адекватно решавање на настанатата ситуација, ќе бидат извршени анализи и во најкраток можен рок ќе биде закажана седница по повод поднесената оставка на в.д. претседателот на Основен суд Скопје 1 Скопје“, се наведува во соопштението од Судскиот совет кое било испратено поради интересот на медиумите, а во корист на јавниот интерес.

Сепак, причините за оставката на Михајлова не се познати, а потегот следи откако повеќемина судии поднесоа жалби до Врховниот суд во врска со годишниот распоред кој го изготви токму Михајлова, со кои тие без консултација беа прераспоредени на нови работни места.

Врховниот суд ги прифати жалбите на седуммина од осумте судии и ги врати на старите работни места.