ХК: Повик до Инспекторатот за труд да ги заштити текстилните работници од високите температури

Сподели

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија упатува јавен повик до надлежниот инспекторат за труд да излезе на терен и да преземе мерки за заштита на текстилните работници и работнички од високите температури. Имајќи предвид дека изминативе денови температурите во Македонија достигнуваат и до 40 степени целзиусови, работниците и работничките од текстилната, кожарската и чевларската индустрија се изложени на огромен ризик и опасност по нивното здравје. Состојбата во фабриките е алармантна и вработените започнуваат да колабрираат поради високите температури.

Согласно Законот за безбедност и здравје при работа и Правилникот за начинот на изготвување на изјава за безбедност, нејзината содржина, како и податоците врз кои треба да се заснова процената на ризикот, работодавците имаат обврска веднаш да направат проценка на ризик за секое работно место одделно во услови на високи температури и да ги преземат сите неопходни мерки за да се спречат несаканите негативни последици врз здравјето на професионално изложените работници.

При проценка на ризик за секоја препозната, односно утврдена опасност или штетност на работното место и во работната средина, потребно е посебно внимание да се посвети на можното оштетување на здравјето на ранливите групи како што се жените, младите работници, старите работници и  работниците кои работат на работни места со зголемен ризик или имаат посебни потреби (работници со хендикеп, работници со постоечки заболувања и сл). Опасностите и штетните влијанија, меѓу другото, можат да бидат препознаени и како штетни влијанија на микроклиматските фактори, висока температура, ниска температура, влажност, брзина на струење на воздухот. Согласно Законот за инспекција на труд, во вршењето на работите на инспекцискиот надзор, инспекторот е овластен, во секое време на денот и ноќта, да влезе во просториите на работодавецот, без претходно најавување и без оглед на работното време на работодавецот.

Од овие причини упатуваме јавен повик до Државниот инспекторат за труд преку своите подрачни единици да излезе на терен во посета на текстилните, кожарските и чевларските фабрики, со цел утвредување на евентуални прекршувања на прописите за безбедност и здравје при работа и соодветно казнување на работодавците кои не ги почитуваат овие прописи, а сè со цел заштита на здравјето на работниците и работничките од овие индустрии во услови на екстремно високи температури.