„Види го детето, не попреченоста“- Владата и УНИЦЕФ обединети за децата со попреченост

Сподели

Под мотото „Види го детето, не попреченоста“, канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје денеска ја промовираше македонската верзија од Меѓународната класификација на функционирање, што се очекува да направи промена во начинот на кој се гледа и се одговара на потребите на децата со попреченост.

-“Владата на Република Македонија се определи за инклузивно општество на граѓани со еднакви услови за живот. Правото на еднаквост почнува од граѓаните. Оваа Влада одлучи, ние ќе го гледаме детето, а не попреченоста”, изјави премиерот Зоран Заев во обраќањето на промоцијата.

 

Заев истакна дека Владата го поддржала меѓународниот документ на УНИЦЕФ, Меѓународната класификација на функционирање, базирана на пристапот што децата можат, место што не можат.

-“Како Влада, преку Министерството за труд и социјална политика почнавме да работиме на формирање на две пилот комисии за функционална проценка на способностите на децата со попреченост, што од следната година ќе работат во два региони во Македонија. Тие ќе ги следат децата со пречки во развојот. Што тие можат. Дали можеби им е развиена рачната моторика и можат да удираат печати, на пример. Дали моториката на нозете. Дали се брзи во одредени физички активности, или брзо мислат. Секое дете носи во себе голем потенцијал”, рече Заев.

Пристапот, додаде, да ги утврдиме нивните способности, место да се фокусираме на нивните слабости, ќе овозможи да им обезбедиме соодветно образование. Според него, тие сами или со соодветна поддршка ќе бидат активни на пазарот на трудот и ќе придонесуваат во семејството, а со тоа ќе придонесуваат во развојот и унапредување на општеството.

Тој им се заблагодари на УНИЦЕФ за поддршката и за помошта и рече дека како Влада ја преземаат обврската и да ги отворат можностите и шансите за децата со попреченост.

-” Република Македонија е потписничка на меѓународната конвенција на правата на лица со попреченост, и оти обврска на државата е да им овозможи на овие наши сограѓани квалитетен живот и функционалност во секојдневното живеење. Многу наши сограѓани со попречености не се функционални поради недостигот на соодветни и технични услови во средината во која што живеат, додаде Заев.

 

Претставникот на УНИЦЕФ Бенџамин Перкс, истакна дека во земјата има околу 21.500 деца кои имаат некаква попреченост.

Најлошото е тоа што во руралните средини децата се скриени од заедницата поради срам и стигма, или пак чмаат во студените осамени институции како во Демир Капија, каде не добиваат љубов и внимание, за кои најсигурно знаеме дека се најпотребни на секое дете.

За дел од нив, конкретните дела ги намалуваат предрасудите.