Основното јавно обвинителство Битола отворило случај под името „Транспортер 2“, во врска со тендер за превоз на ученици за учебната 2015/2106 година, во кој еден од осомничените е градоначалникот на Битола, Владимир Талески.
Министерството за внатрешни работи денеска соопшти дека СВР Битола, постапувајќи по наредба на Обвинителството, поднел посебен извештај против битолскиот градоначалник и уште пет лица вработени во Општината кои се товарат за несовесно работење во службата и злоупотреба на службена положба и овластување.
Талески и останатите петмина се сомничат дека со склучување на штетни договори со две фирми за превоз на ученици, го оштетиле буџетот на Општина Битола за 4.321.388 денари, односно за околу 70.300 евра.
Според МВР, четворица од осомничените, инаку членови на комисијата за јавни набавки во општината, спротивно на Законот за јавни набавки поништиле постапка за избор на најповолен понудувач, иако во тендерската постапка констатирале дека понудените цени за превоз на ученици за учебната 2015/16 се многу повисоки од реалните цени на пазарот, односно дека цената изнесува 3.168 денари по ученик.
Секретарот на Општината, кој, иако немал ингеренции во работата на комисијата, потпишал согласност за склучување на договори за превоз на ученици по овие цени.
Конечната одлука за избор на понудите, според МВР, ја донел градоначалникот Талески, кој ги потпишал штетните договори со двете фирми-превозници од Битола.
Инаку, Специјалното јавно обвинителство го отвори случајот „Транспортер“ и поднесе обвиненија против градоначалникот на Битола, Владимир Талески и уште 20 други лица, за злоупотреби со превозот на ученици во Битола, тешки 360.000 евра.