МРТ распиша конкурс за директор

Сподели

Програмскиот совет на Македонска радио телевизија распиша конкурс за избор на нов директор и заменик директор на јавниот радиодифузен сервис, кои ќе ги заменат актуелните Марјан Цветковски и Харун Ибраими.

На Цветковски мандатот му истекува во март годинава. Функцијата генерален директор ја извршува од 2012 година.

Во една прилика на новинарско прашање за содржината на 24-та „бомба“ во која се гледа како врвот на ВМРО-ДПМНЕ решава кој ќе се вработи во МРТ, Цветковски тврдеше дека функционери од таа партија од него никогаш не побарале прилог по нарачка.

Според конкурсот, кандидатите за негов наследник и за нов заменик директор треба да имаат високо образование, да поднесат програма за работа на МРТ за три години и да имаат над пет години работно искуство во комуникологијата, новинарството, електронските комуникации, информатиката, културата, економијата или правото.

Мандатот на новиот директор и заменик-директор на МРТ ќе трае три години со можност за реизбор.