“ЗМСТА – ЗА НАС”: Транспарентно решавање на проблематиките од надлежните институции

Сподели

Преку информации од сопственото членство на нашето здружение ЗМСТА – ЗА НАС дознаваме дека голем број од медицинските сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри низ Р. Македонија се незадоволни и револтирани од непрофесионалниот однос во институциите во кои работат.

Преку низа жалби и поплаки кои секојдневно стигаат на нашите адреси чувствуваме потреба истите да ги споделиме со јавноста и да побараме транспарентно решавање на проблематиките од надлежните институции.

 „Медицинските сестри периодов се соочуваат со приморано користење на минимално законско ниво од 10 дена  годишен одмор поради недостатокот на персонал во институциите. Работат дежурства и во смени со само еден ден слободен. Вишокот работни часови и работата во дежурства не се дефинирани дали ќе бидат исплатени по основ на дежурства, на ноќна работа или пак преку слободни денови за кои не се знае дали ќе може да ги искористат поради дефицитот. Голем дел од медицинските сестро се повикуваат да ги прекинат и веќе започнатите годишни одмори и да се вратат на работа. Правото на користење годишен одмор согласно сопствените потреби им е целосно оневозможено бидејќи дополнително се условени и во кој период истиот може да го искористат. Ситуацијата е алармантна бидејќи покрај малите плати и недоволно вреднуваниот труд на еден здравствен работник со средно, више и високо образование, сега незадоволството ќе расте и уште повеќе како производ на неможноста да си го искористат целосно правото на годишен одмор.“ – изјави сестра Горданка Бешлиовска, претседател на ЗМСТА- ЗА НАС и Унијата на ЗМСТАСЛ.

Унијата на ЗМСТАС испрати известување и до министерот Д-р Венко Филипче и јавно ги повика надлежните институции да пронајдат соодветни решенија и да ги заштитат правата на оваа хумана професија.

ЗМСТА – ЗА НАС