Премиерот Зоран Заев, денеска се сретна со директорот на Директоратот за соседство и преговори за проширување на Европската комисија, Кристијан Даниелсон, кој, заедно со амбасадорот на ЕУ, Самуел Жбогар, учествуваа на состанокот на кој се презентираше актуелниот статус на процесот за интеграција на нашата земја во Европската Унија.
Даниелсон и Заев, како што соопштија од владата, имале тет-а-тет средба, по што се одржал и заедничкиот состанок со вицепремиерот и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, со вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи, со министерката за правда Рената Дескоска, со министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, и со министерот за надворешни работи Никола Димитров.
Заев истакнал дека за нашата земја, поддршката на Европската комисија, институциите на Европската Унија, земјите членки на ЕУ, на нашите соседи и многу други лидери, била клучна за цврсто да зачекориме напред и Македонија да се врати на патот кон Европската Унија и НАТО.
– За Македонија, 2018 година беше година од историско значење, за конечно решавање на спорот помеѓу Република Македонија и Република Грција. Паралелно со овој процес, Владата работеше напорно на клучните реформски области кои ни ги зададе Европскиот совет во јуни 2018, како услов за ефективен почеток на преговорите за членство во ЕУ во јуни 2019 година, односно реформи во правосудството, реформи во безбедносните и разузнавачките служби, борба против криминалот и корупцијата и реформи во јавната администрација. Македонија направи извонреден напредок и презеде смели чекори и отпочнувањето на преговорите за членство во јуни 2019 година ќе испрати силен сигнал до Регионот на Западен Балкан, дека процесот на пристапување и понатаму е заснован на заслуги и резултати – ако земјата кандидат испорачува, тогаш и ЕУ испорачува – рече Заев.
Заев информираше дека веќе девет поглавја од преговарачкиот процес се опфатени и поминати низ заедничките објаснувачки подготвителни состаноци со Европската комисија, и дека оваа фаза дава значајна подготовка за преговорите кои следуваат.
Даниелсон во име Европската Комисија ги пренел честитките за историскиот договор со Грција, и дека таа останува и понатаму максимално посветена на поддршката за Република Македонија во претстојниот период за да се оствари договореното минатата година, отворањето на поглавјата да започне во јуни оваа година.