Претседателот Пендаровски го посети Јордан Цеков – Дане, учесник во НОБ

Сподели

 

Претседателот Стево Пендаровски, во пресрет на 2.август – Денот на Републиката, го посети Јордан Цеков – Дане, учесник во НОБ и командант на 3-та Македонска ударна бригада.

На средбата, Цеков изрази задоволство за можноста да се сретне и да поразговара со претседателот Пендаровски, истакнувајќи дека му претставува особена чест да го прими Претседателот во неговиот дом.

 

Јордан Цеков потсети на сите премрежја и предизвици со коишто се соочувал народот во минатото, за голем дел од активностите кои тој лично ги предводел, во рамки на антифашистичката борба, притоа потенцирајќи дека со вистинските сојузници секогаш сме ја избирале вистинската страна.

На 2 август 1944 година Цеков бил командант на третиот баталјон на Третата Македонска ударна бригада што бил задолжен за непосредно обезбедување на Првото заседание на АСНОМ.

 

Во тој контекст, осврнувајќи се на претстојниот празник Илинден, 98 годишниот Цеков упати порака до сите граѓани, особено помладите генерации, дека ни е неопходно обединување и заедништво.

Цеков бил учесник во НОБ од 1941 година, командувал со  Третата македонска ударна бригада, а подоцна, во повоениот период бил и пратеник во Собранието на Народна Република Македонија. Автор е на 18 книги коишто сведочат за настаните од минатото и досега има објавено 122 статии во весници и списанија. Низ годините со свои научни трудови бил активен учесник на голем број научни собири поврзани со Народно-ослободителната и антифашистичка војна низ целата држава. Носител е на голем број воени одликувања.