Во автобусот на линија 5 во кој утринава избувна пожар нема повредени патници, причинета е само материјална штета, информираат од ЈСП.
Настанот се случил во близина на Општина Ѓорче Петров, кога автобусот сообраќал на редовна линија во правец кон центар.
„Пожарот, чии причини се утврдуваат, е изгаснат во брзо време, благодарение на брзата интервенција на екипата на Противпожарната бригада. Внатрешната контрола на ЈСП Скопје веднаш излезе на терен и се утврдуваат причините на пожарот. Возачот на автобусот изјавил дека за време на возењето забележал чад од горниот кат на возилото, застанал и со ПП апарати се обидел да го изгасне. Во меѓувреме забележал и искрење и повикал на помош екипа на Противпожарната бригада.
Пожарот бил изгаснат во најбрз можен рок. Во моментов, на терен врши увид и екипа на МВР“, се вели во соопштението на ЈСП.