Владата повика во заедничка борба против дезинформациите

Сподели

 

На првиот консултативен состанок на Акциската група за координација на државните институции за борба против дезинформации и напади на демократијата на кој присуствуваа и претседателот на државата Стево Пендаровски, претседателот на Собранието Талат Џафери, министри и други високи претставници од институциите, Заев потенцира дека медиумската писменост е клучна, а во борбата против лажните вести треба да се вклучат сите чинители.

– Трендот на ширење шокантни вести и невистини е најголем поткопувач на демократските, реформските и прогресивните процеси во општеството. Денес, дезинформациите, користејќи ја развиената технологија, предизвикуваат етничка, политичка и верска нетрпеливост, а во регионален контекст се заеднички непријател на помирувањето на земјите од Западен Балкан, напомена Заев и дополни дека земјава посебно во последните две години се соочи со овој феномен.

 

 

Кампањата против т.н.„фејк њуз“ ќе се води според стандардите на Европската комисија и секторот за комуникации на НАТО.Од октомври е најавена серија консултации со граѓанските организации и медиумите. Беше поздравена и иницијативата за регистар на изданија само што ги исполнуваат условите да бидат медиуми, со познато сопствеништво и импресум.

Како пример за лажни вести и многу чести манипулации, го посочи периодот пред и по потпишувањето на Преспанскиот договор. Целта беше, рече, да ги дезинформира и дестимулира граѓаните, да се дискредитира референдумот.

Претседателот Пендаровски во своето обраќање нагласи дека на дезинформациите треба да се одговори со поголема транспарентност.

 

 

-Институции со интегритет комуницираат со граѓаните преку навремени, јасни и прецизни информации, помагаат да се создаде опкружување во кое образовниот процес инвестира во нови генерации млади луѓе со развиени аналитички вештини, а медиумите помагаат јавноста да формира критичка свест. Тоа е единствената насока која води кон отоврено општество што мисли за својата иднина, подвлече Пендаровски.

Според него, медиумската писменост и справувањето со дезинформациите се одлична инвестиција за развој на општество на слободни граѓани што е крајна цел и на нашата земја.

Пораката на претседателот на Собранието, Талат Џафери беше дека е неопходна многу голема внимателност кога се работи за транспарентноста на институциите. Тие мораат, нагласи Џафери, да бидат отчетни, но во исто време и да ја стеснат можноста од евентуални манипулации, лиферувајќи ги и ажурирајќи ги информациите навреме.

-Денешниот состанок е прв чекор, но неопходен во борбата против лажните вести. Воедно е и знак дека  дезинформациите како држава не засегаат и дека оваа многу негативна појава е сериозно сфатена. Живееме во свет на глобализација, асовремена технологија која се менува и постојано се усовршува. Границите кои некогаш беше невозможно да се поместат, се придвижуваат се повеќе. Тоа ме радува и ме плаши зашто значи дека информациите, но и дезинформациите се шират со голема брзина. Штетата што дезинформациите може да ја предизвикаат, не може да се поправи и да се врати назад. Информацијата и дезинформацијата денес се најсилното оружје со кое се нарушува интегритетот на личности и држави, се шири општа недоверба во институциите, меѓу земјите, посочи Џафери.

Министерот за отчестност и транспарентност Роберт Поповски кој го модерираше состанокот, информира дека е во тек изготвување Акциски план за системско справување со дезинформациите, а опфаќа низа активности кои допрва ќе се спроведуваат, како и две групи мерки: безбедносни, кои се однесуваат исклучиво на Владата и другите државни институции, како и проактивни, кои се однесуваат на граѓанството (медиуми, здруженија, новинари поединци).

 

 

Во Акциската група учествуваат Владата, Собранието, Кабинетот на Претседателот, министерствата за одбрана, внатрешни и надворешни работи, администрација, образование и наука, како и Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање и Оперативната техничка агенција.