Проф. д-р Светомир Шкариќ
Отповикот или импичментот на претседателот Доналд Трамп од страна на Претставничкиот дом покажува дека членовите на Конгресот на САД прво се партијци, а потоа Американци. Републиканците и демократите се закопани длабоко во своите ровови и не гледаат подалеку од партиските интереси. Затоа, Трамп нема да биде отповикан од претседателската функција иако е обвинет за тешки кривични дела и за флагрантно кршење на Уставот на САД.
Уставни основи на импичментот
Основачите на САД биле свесни дека претседателската власт може да биде злоупотребана за лични интереси. Станува збор за власт која може секого да го фасцинира и да го корумпира бидејќи е огромна. Затоа во Уставот предвиделе одредба според која претседателот може да биде отповикан и сменет пред време ако направи предавство на земјата, ако подлегне на корупција или ако стори друго потешко кривично дело или сериозен прекршок. Најголема заслуга за прифаќањето на наведената одредба имаат Александар Хамилтон и Џејмс Медисон, федералисти по убедување и следбеници на мислата на Монтескје за поделбата на власта.
Одговорноста на претседателот на САД се утврдува во две последователни фази. Првата е отповик на претседателот (impeachement), а втората е негова смена од претседателската функција (remove). Во првата фаза се обвинува за кршење на Уставот, а во втората се казнува, односно се оддалечува од претседателската функција. Слично на кривичната постапка пред редовните судови која почнува со обвинителен акт, а завршува со пресуда.
Според Уставот, Претставничкиот дом на Конгресот на САД (Долен дом) е надлежен за отповик на претседателот, а Сенатот (Горен дом) за негова смена. За време на судењето, сенаторите се преобразуваат во судии-поротници, со задача да го разгледат обвинението и да донесат конечна одлука. Со сенатската седница раководи претседателот на Врховниот суд на САД (Chiеf of jastice).
Правилата за отповик и судењето ги утврдуваат самостојно домовите, од еден до друг импичмент. Тие се променливи, во зависност од тежината на повредата на Уставот и од степенот на партиската поделба на членовите на Конгресот. На пример, истрагата за отповик на Бил Клинтон ја спроведе само истражителот, Кенет Стар, врз основа на правилата утврдени едногласно од страна на членовите на обете партии во Претставничкиот дом. За истрагата, пак, на Трамп формирани се три комитета на Претставничкиот дом, со остра спротивставеност на нивните членови. Поделбата ќе биде уште поостра при утврдувањето на правилата за судење на Трамп во Сенатот кое треба да се случи во јануари 2020 година. А Сенатот може да одлучи и да нема правила и нови сведоци.
Отповикот на претседателот се врши со мнозинство гласови од вкупниот број претставници (пратеници) во Претставничкиот дом (218), а смената од функцијата со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број сенатори (67). Претставничкиот дом брои 435 претставника, а Сенатот 100 члена. Претседателот на Врховниот суд раководи со судењето, но не гласа за одлуката. Во изминатите 245 години отворени се само 64 постапки за импичмент на високи државни функционери со имунитет. Само 19 ја поминале првата фаза, од кои осум завршија со смена од функцијата. Сите сменети се федерални судии од понизок ранг. Нема сменет ниту еден претседател на САД.
Првиот отповик на претседател е покренат против Џон Тилер во 1842 година, само една година во неговата претседателска функција. Но, предлогот за импичмент беше одбиен со мнозинство гласови во Претставничкиот дом (127: 83). Во тоа време САД не беше толку поделена по партиска основа како денес. Во времето на Тилер, Демократската партија само што беше формирана од страна на неговиот предходник Ендрју Џексон, архитект на индијанските резервати.
Извор: time.com
Од вкупно 45 претседатели само против четворица е прифатен импичмент, од кои тројца беа подложени на судење во Сенатот. Станува збор за Ендру Џонсон, Бил Клинтон и Доналд Трамп. Ендру Џонсон е наследник на Абрахам Линколн. Него претседателот Хари Труман го сметал за претседател кој најдобро го познавал Уставот на САД. Обвинет е за кошкање со Конгресот, за често користење на претседателското вето и за кршење на законите. Обвинет е во 1868 година со 11 точки за отповик за „аферата Едвин Стентон“ но не е сменет поради недостаток на само еден глас во Сенатот. Бил Клинтон е обвинет за „аферата Моника Левински“. Постапката траеше подолго од една година, од јануари 1998 до февруари 1999 година. Врз основа на собраниот материјал, Правниот комитет утврди четири основи за импичмент, од кои две беа усвоени а две отфрлени. Клинтон беше отповикан од функцијата за кривоклетство и опструкција на Конгресот, но не беше сменет, поради недостаток на 12 гласа.
Случајот со Ричард Никсон е поинаков. Против него се отвори постапка за отповик поради „аферата Прислушување“ (Вотергејт). Постапката траеше подолго од две години. Обвинет е за злоупотреба на власта, попречување на правдата и непочитување на Конгресот. На осми август 1974 година доброволно се повлече од функцијата пред Претставничкиот дом да одлучува за негов отповик. Неговиот наследник, Џералд Форд го помилува за сите кривични дела што ги сторил за време на претседателската функција.
Импичментот на Трамп
Импичментот на Трамп започна на 24 септември 2019 година. Постапката ја отвори Ненси Пелоси, спикер на Претставничкиот дом. Поводот се телефонските разговори од 25 јули 2019 година помеѓу Трамп и Володомир Зеленски, претседател на Украина. Од разговорите може да се заклучи дека Трамп извршил притисок врз украинскиот претседател во врска со испораката на воената помош што Конгресот на САД и ја доделил на Украина во износ од 391 милион долари. Помошта е условена со барањето на Трамп украинската влада да го објави случајот со корупцијата на синот на Џо Бајден во укринската енергетска компанија „Бурисма“. Трамп наводно издал „итна директива“ на неговите соработници – воената помош да се изврши врз принципот на дајмидајството: на Украина воена помош а за Трамп дискредитација на неговиот политички ривал Џо Бајден на претседателските избори во 2020 година (quid pro quo).
На предлог на Правниот комитет, Претставничкиот дом утврди две основи за одговорноста на Доналд Трамп. Првата е злоупотребата на власта, а втората е опструкцијата на Конгресот на САД. По целодневната расправа на 18 декември 2019 година, Претставничкиот дом го отповика Доналд Трамп од претседателската функција со мнозинство на гласови. За прифаќање на првата точка од обвинението гласале 230, а против 197 преставника. За втората точка се определиле 229, а против 198 претставника. За првата точка биле воздржани 7 а за втората 24 претставника.
Демократите го обвинија Трамп за коруптивно однесување, директно или преку своите агенти. Обвинет е дека функцијата ја злоупотребил на начин што сакал Украина да ја инволвира во изборниот процес во САД, со цел за себе да обезбеди бенефит на штета на неговите политички противници. Претседателската власт ја искористил како средство за наметнување на личните интереси на штета на националните, неводејќи сметка за безбедноста на САД, за рамнотежата на законодавната и извршната власт и за слободните и фер избори. Со таквите дејства ја загрозил американската демократија и станал нејзин непријател број еден.
Трамп е обвинет и за опструкцијата на Конгресот – досега незабележана во американската историја. Одбил лично да соработува во постапката за импичмент. Во исто време издал усмена наредба на сите делови од извршната власт да не учествуваат во таа постапка, да не сведочат и да не ги даваат бараните документи. Девет лица од неговото најблиско опкружување застанале целосна на страната на Трамп, игнорирајќи ги целосно судските налози што ги добиле од Претставничкиот дом. На тој начин Претставничкиот дом е попречен да го истражува случајот (Sole Power of Impeachement).
Трамп не е загрижен што опструкцијата на Конгресот е предвидена како кривично дело уште од 1857 година. Не е загрижен ни од тежината на стручното мислење на тројца професори по уставно право, Ноа Фелдман од Харвард, Памела Карлан од Стенфорд и Мајкл Џералд од Северна Каролина. Професорите потврдуваат дека претседателот Трамп сторил повеќе кривични дела, дека со злоупотребата на власта удрил „во срцето на владеењето на правото“ и дека со опструкцијата ја „торпедирирал поделбата на власта“.
Писмен одговор на Трамп
Трам не ги прифаќа обвиненијата, сметајќи ги за лажни. Убеден е дека разговорот со Зеленски бил „перфектен“ и добар за обете страни. Импичментот го поврзува со изборите од 2016 година, а не со воената помош на Украина. Демократите не го признаваат поразот на Хилари Клинтон, иако изборите ги загубила со голема разлика во електорските гласови ( 306-227). Приказната за вмешаноста на Русија во тие избори ја смета за превара. И импичментот против него го смета за превара која ќе биде казнета од избирачите на следните претседателски избори.
Во Писмото до спикерката Ненси Пелоси, Трамп тврди дека импичментот против него е под нивото на уставната теорија, стандардите на Уставот и јуриспруденцијата. Смета дека не излегол од рамките на Уставот, дека има „апсолутно право“ да држи одредени податоци во тајност и дека не мора да ги споделува со законодавната и со судската власт. Се повикува на „привилегираните права“ што му припаѓаат како носител на извршна власт (executive privelege).
Во Писмото што го испрати еден ден пред гласањето во Претставничкиот дом, импичментот го смета за неважечки, за нелегален и партиски, досега невиден во законодавна историја на САД: „Вие го посрамивте зборот импичмент за ефтини цели, вие ја прекршивте вашата заклетва, вие ја изневеривте вашата доверба во Уставот и вие и објавивте отворена војна на американската демократија“.
Претседателот Трамп знае дека импичментот не е судски, туку политички процес. Знае дека мнозинството во Сенатот ќе биде на неговата страна: 53 сенатори – републиканци и 45 сенатори демократи. Неизвесно е како ќе гласаат двајцата независни сенатори. Но извесно е дека Републиканската партија нема да дозволи Трамп да биде првиот сменет претседател во уставната историја на САД. За да биде сменет потив него треба да гласаат најмалку 20 сенатори од редовите на републиканците и независните сенатори. Тоа би се случило ако сенаторите би биле повеќе Американци отколку републиканци и ако Уставот на САД би го толкувале на ист начин како и неговите творци.