Од Косово екстрадиран уште еден од обвинетите за настаните во Диво Насеље

Сподели

divo-naselje

Вчера од Косово во земјава бил екстрадиран Сулејман Османи, познат како командант Сула, кој е еден од обвинетите за настаните во Диво Насеље во Куманово од 9 и 10 мај, минатата година, потврдиле од Министерството за внатрешни работи, пренесуваат медиумите.

Педесет и петгодишниот Османи, жител на селото Брест беше уапсен веднаш по настаните во Диво Насеље, но под сомнителни околности, со лисици на рацете, успеа да побегне додека на полициските службеници им го покажувал местото каде било сокриено оружјето украдено при нападот на караулата Гошинце.

Лани во јули тој беше уапсен од косовската полиција во селото Летниче кај Витина, откако македонските власти распишаа меѓународна потерница по него.

Во настаните во Куманово животите ги загубија осум припадници на специјалните полициски единици, а 37 беа ранети, додека во борбите со полицијата беа убиени 10 членови на вооружената група.

Судскиот процес против 29 обвинети во случајот „Диво Насеље“ почна на почетокот на февруари, оваа година. На почетокот на овој месец, целиот процец почна одново откако обвинителство со овој случај го спои и предметот „Молња“, во кој 8 лица се обвинети дека и давале логистичка поддршка на кумановската група.

Од Косово екстрадиран уште еден од обвинетите за настаните во Диво Насеље