ДКСК со прекршочни за пратеници кои задоцниле или не доставиле анкетни листови

Сподели

 

ДКСК утврди дека 12 пратеници од парламентраниот состав 2016-2020 година, по престанокот на функцијата не доставиле анкетен лист, а 6 пратеници доставиле со задоцнување, информира на прес-конференцијата Билјана Ивановска, претседател на Државната комисија за спречување на корупција.

По престанок на функцијата пратеник, анкетни листови не доставиле Неџбедин Таремани, Арта Точи, Зоран Георгиевски, Фадил Зендели, Ферид Мухиќ, Самка Ибраимоски, Илија Николовски, Амди Бајрам, Александар Филиповски, Диме Велковски, Џулумсер Касапи и Татјана Прентовиќ.

Со задоцнување анкетните листови ги доставиле Реџеп Мемети, Борис Змејковски, Владимир Ѓорчев, Јохан Тарчуловски, Магдалена Манасковска и Лилјана Поповска.

За сите пратеници кои задоцниле односно не доставиле анкетни листови, ќе бидат покренати прекршочни постапки.

Претседателката на ДКСК најави дека ќе испратат заклучок односно ургенција до Владата за да им се достави одговор за нивното постапување односно за нивната иницијатива за поведување постапка за одговорност на директорот на Агенцијата за филм Горјан Тозија, како и ургенција до Министерството за транспорт и врски во однос на обврската доделена од Владата за сите активности што се преземаат за справување со дивоградбите.