На децата не треба да им создаваме искривен свет, не е сѐ „си живееја среќно до крајот на животот“ и затоа што преку книгата може да се отворат и многу табу теми. Можеме многу непријатни работи да кажеме преку приказна. Не смееме да им создаваме илузии на децата. Детето треба од најмала возраст да се соочува и со убавото и со грдото. И Андерсен го направи тоаи на некој начин ги коригираше некои моменти од Грим. Но, тие ги напишаа тие приказни и тие се од колективната меморија. Треба да бидеме отворени, искрени кон децата и да не ги потценуваме, зашто ако ги штитиме премногу им правиме лошо – рече проф.д-р Весна Мојсова-Чепишевска на дебатата на тема „Како децата се запознаваат со предизвиците во животот преку литературата?“, што се одржа во Europe House Skopje, во рамките на меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“.
Интересни прашања за местото на книгата и нејзиното значење во развојот на децата, какви илустрации сакаат децата, колку книгата може да помогне во надминување проблеми, каква е состојбата со македонската книга за деца – ова се дел од прашањата на кои, освен Мојсова-Чепишевска, разговараа и проф.д-р Владимир Мартиновски, психологот Христина Стефановска и Искра Димковска од издачката куќа „Сказнувалка“.
Со литературата детето се соочува со реалноста, приказните ја содржат метафоратана целиот живот, вклучувајќи го сознанието дека човекот е и смртен и се соочуваат и со помалку розевите страни на животот, вели Мартиновски.
-Често ја спомнуваме „Девојчето со кибритчињата“. Таа приказна ја гледаме во чамци на Медитеранот во моментов, на раскрсниците во Скопје има еден куп такви деца. Една од функциите на уметноста е секако емпатијата. Уметноста е исклучително важна во секакви времиња.Неодамна на фестивалот „Друга приказна“ имаше поетско читање во кое 15-ина, претежно млади и од средна генерација автори читаа песни пред дечиња со маски. Нивните реакции, спонтаноста, целата тешка ситуација ни ја вратија надежта дека уметноста секогаш е важна – вели Мартиновски.
Психологот Стефановска истакна дека книгата многу помага во надминување на проблеми на децата, влијае врз критичкиот ум на детето, врз имагинацијата.
-Книгата стимулира добар речник, добар фонд на зборови, го стимулира центарот за говор. Ако постои синоним за орална хигиена-четката за заби, книгата е синоним за ментална хигиена, и кај возраасните, но кај децата особено. Наскоро треба да излезат четири мои книги интерактивен психолошки прирачник. Токму во едната книга зборувам за загубата, за смртта. Најприфатлив начин за детето да се сретне со неа е баш преку книгата, како на советувањата, така и на дебатите, треба да создаваме психологшки имунитет, да не ги ставаме децата во стаклено ѕвоно. Не постојат само приказни со среќен крај, тие се среќаваат со такви приказни во реалноста, раскинати другарства, во ситуации во кои биле мета на насилство однесување, дали вербално или физичко. Растењето не е лесно. Книгата е таа што многу лесно може да му покаже, дека на многу деца им се случува истото низ кое поминува детето. Тогаш детето се охрабрува– вели Стефановска.
Таа е категорична дека родителите не треба да ги модификуваат приказните, а децата треба и во секојдневието да ги оставиме да грешат.
-Книгата како литературно дело ја користам и во работата со децата, во психолошката терапија. Лесно можам да надминам развод кај родители, на пример, кај дете што настрадало од тоа. Со книга може да му објасните многу работи што му се случуваат. Илустрацијата може да се користи за стимулирање на себеизразувањето. Свесни сме дека децата сѐ помалку имаат контакт со околината, свесни сме дека се оставени на механички дразби. Ако немаме идеја што да правиме со детето, ќе му отвориме сликовница и ќе поведеме разговор – појаснува Стефановска.
За Димковска, не постои приказна од која детето не може да си најде нешто добро. Секој аспект од приказната и од илустрацијата му дава нешто на детето и ако тоа биде правилно поттикнувано, детето ќе има придобивка.
– Пред пандемијата издадовме две книги многу важни за овој период. Едното издание го третира прашањето на препознавање и прифаќање на емоциите, без разлика дали општестовото ги перципира како добри или лоши, дали е спокој или тага. Додека пак, второто -„Празнина“ – го води детето низ процесот на тага, низ искуства во кои детето нешто губи и потоа му недостасува. Сметам дека родителот треба да биде ангажиран другар во чинот на читањето. Ако и вие ја сакате книгата и детето ќе ужива. Мислам дека добра приказна и илустрација не може да стане застарен медиум, без разлика на целата дигитализација, зашто нуди поинакво доживување, нуди можност да се гледам контемплира, да се бара детали, децата тоа многу го сакааат, да измислуваат паралелни приказни, треба само да им се даде можност и на целото тоа искуство да му се пристапи со уживање – вели Димковска.
Мојсова-Чепишевска потсети на една особено важна навика која особено позитивно влијае врз децата, а тоа е бавното подготвување за спиење на децата и читањето приказна пред спиење.
-Детето навечер не треба да биде пред таблетот, телевизорот, треба да му се навратиме на раскажувањето. Децата се најактивни токму пред заспивање. Да го искористиме зло времето да му се свртиме на своето дете и сите ние како родители, баби, тетки, наставници и да станеме нови Марко Цепенковци. Да раскажуваме, да измислуваме приказни и детето самото да го прави тоа. На тој начин ќе ја освежиме и уметноста и таа ќе има нова перспектива – посочува професорката.
Учесниците на дебатата се согласија дека литературата за деца бележи видливо придвижување во однос на квалитетот, но и квантитетот. Да се воведе посериозно уметничко образование во средното училиште, како и да се обрне поголемо внимание на литературата за млади, каде имаме најмалку наслови. Треба да контролираме колку всушност технологијата ќе има место во секојдневието на децата.
-Истиот проблем со кој се соочуваат децата го имаат и возрасните. Некои мои блиски пријатели ми имаат кажано – „убаво тоа што вие пишувате, ама јас веќе не можам да читам книги“. Толку многу сме инфицирани со тој свет на инстант-информации, возрасните им даваат всушност лош пример на децата. Многу мали можат и самите да бидат автори на нови. Класичниот формат на книга прво овозможува спокојство, нешто што брзите технологоии ни го одземаат – рече Мартиновски.
Кога родителот ужива во книгата што ја чита и тоа задоволство го пренесува на детето. Начинот на кој го прави тоа, го фасцинира детето. Ако рано им го доближиме целото богатство, таа фасцинација ја помни цел живот, истакна Стефановска.
-Детето учи по модел. Ако родителот со себе носи книга, и детето гледа дека тој ужива, таа љубопитност ќе ја пренесеме. Конекцијата со родителот е поголема. Книгата пред спиење го амортизира стресот кај децата. Тој тек на читање, таа долготрајност е нешто што детето ќе го врза за книгата и ќе го сака. Тоа е ритуал, а ритуалите го растоваруваат телото од стресот, не само читањето. Дури и да немаме многу време, книгите нека бидат околу нас – категорична е Стефановска.
Фестивалот „Литера“ вечерва во 19 часот во Europe House Skopje ќе биде затворен, а ќе бидат доделени награди за најдобро илустрирано дело и за најдобра детска книга.
Фестивалот „Литера“ го организира Центарот за визуелна комуникација „Ефектива“ од Скопје, а го помагаат: Делегацијата на ЕУ во Скопје, Министерството за култура, Град Скопје, „Халк банка“.
denesmagazin.mk