Денеска премиерот Заев преку видео обраќање го честиташе Меѓународниот ден на ромскиот јазик, 5 ноември. Притоа обрна внимание на два клучни моменти. Едниот е признавањето на важноста на ромскиот јазик и поддршката на Ромите во нивната социјална инклузија и учество во развојот на нашата заедница. А другиот е дека во 2019 и почетокот на 2020 година се издадени 1.000 примероци на македонско – ромски речник и 800 примероци на Граматиката на современиот ромски јазик од авторот Латиф Демир.
“Нека ни е честит меѓународниот ден на ромскиот јазик” – изјави премиерот Заев по повод 5 ноември Светски ден на ромскиот јазик.
“Ромскиот јазик е официјален јазик на сите Роми во светот, збогатен со историски процеси на миграции и широк спектар на влијанија. Признавањето на важноста на ромскиот јазик треба да биде дел од пошироките напори и акции за спречување на сите форми на дискриминација, како и за поддршка на Ромите во нивната социјална инклузија и учество во развојот на нашата заедница.
Клучна улога во овие процеси има образованието за да обезбеди можности за учење на историјата и културата на различностите во сопственото и во другите општества. Во таа насока е и публикувањето на Граматиката на современиот ромски јазик која има за цел да придонесе и во стандардизацијата на литературниот ромски јазик.
Припадниците на Ромската заедница од Република Северна Македонија имаа пресудна улога во официјализирањето на ромскиот јазик во мапата на јазиците на народите на светот со иницијативата и со делото на професорот Јусуф Шаип. Тој го посвети целиот живот на стандардизација на ромскиот јазик и за негово вклучување во образованието.
Во духот на зачувување на ромскиот јазик, со финансиска поддршка на Владата на Република Северна Македонија, во 2019 и почетокот на 2020 година се издадени 1.000 примероци на македонско – ромски речник и 800 примероци на Граматиката на современиот ромски јазик од авторот Латиф Демир. Македонско-ромскиот речник содржи повеќе од 10.000 зборови”.