Во Кабинетот на Претседателот „Вила Водно“ денеска се одржа десеттата седница на Советот за безбедност на којашто се разговараше за актуелната ситуација со пандемијата на Ковид -19 на територијата на Република Северна Македонија и мерките и активностите на надлежните институции.
“Денеска ја одржавме 10-та седница на Советот. Присуствуваа сите постојани членови на Советот за безбедност, освен министерот за внатрешни работи. А, надвор од постојаниот состав, а на моја покана, со оглед на темата за која разговаравме, беше присутен министерот за здравство. На дневен ред имавме една точка, разговаравме за актуелната ситуација со пандемијата Ковид-19”, – изјави претседателот Пендаровски.
“Министерот Филипче информираше за капацитетите и ресурсите кои се на располагање и кои се практично сега употребени во здравствениот сектор, како и за реорганизацијата на болниците низ земјата за прием на големиот број заразени пациенти и наши граѓани.
Премиерот Заев информираше за севкупната активност, за политиките и во другите ресори кои се насочени кон справување со пандемијата и можните опции и сценарија за наредните денови и недели.
Не треба да кажуваме – сите знаеме дека состојбата со коронавирусот кај нас е исклучително сериозна. Тоа што во буквално сите земји од нашето опкружување, од регионот, во цела Европа и во светот, практично без исклучок, ситуацијата е исто така многу лоша, далеку полоша од пролетниот пик на заразени и починати, не значи дека не треба да размислуваме евентуално и за нови мерки или да ги преиспитуваме ефектите на постојните со цел да го ограничиме ширењето на вирусот.
После исцрпна дискусија во која учествуваа сите присутни членови на Советот донесовме заклучок, Советот за безбедност да и предложи на Владата да прогласи кризна состојба на целата територија на Република Северна Македонија во траење од 30 денови.
Што тоа значи во однос на ова што го имаме сега? Во моментов, ние имаме прогласено кризна состојба на северната и јужната граница во врска со илегалните преминувања на мигранти и бегалци и на тие подрачја полицијата и војската работат заедно. Сега таквата соработка, откако ќе биде декларирана кризна состојба на цела територија, ќе биде овозможена буквално на целата територија на земјата. Инаку и во моментов, знаете тоа го објавивме пред некој ден, армијата дава поддршка на полицијата и на здравствените институции, но, во лимитиран обем, потпирајќи се само врз правниот основ кој доаѓа од Законот за служба во армијата. Но, откако ќе биде прогласена кризната состојба, тогаш Законот за одбрана и Законот за управување со кризи, посебно, даваат многу пошироки можности за поддршка на надлежните институции, пред се здравствените, од страна на армијата.
Втората битна разлика е во законската можност Владата да управува со ресурсите на органите на државната управа, на јавните претпријатија, на општините и на градот Скопје, но, тука вклучувајќи ги и трговските друштва, во овој случај приватните здравствени установи.
Бидејќи имаше различни шпекулации на таа тема изминативе два дена, дека не станува збор за национализација на приватните болници, туку евентуално за управување со нив во битката против пандемијата, се разбира таму и во тој обем во кој Владата ќе процени дека е тоа неопходно. Инаку, знаете дека приватната сопственост е гарантирана со уставот и затоа тука не станува збор за национализација или некакво менување на сопственоста. Воведувањето на кризната состојба на целата територија нема никаква врска со т.н. полициски час и евентуално воведување на рестрикции во движењето на граѓаните. Тоа е во надлежност, прво на Комисијата за заразни болести, потоа на централниот кризен штаб и се разбира на крај, на Владата, ако така процени дека е неопходно, појасни Пендаровски.
Во поглед на надлежностите во однос на воспоставување или декларирање кризна состојба бидејќи и за тоа имаше различни ставови изминативе ден-два – не му предлага Владата на Советот за безбедност да прогласи кризна состојба бидејќи ние таа надлежност ја немаме. Туку, Советот за безбедност препорачува – предлага, тоа оди до Управувачкиот комитет при Центарот за управување со кризи кој потоа и формално поднесува предлог до Владата, за таа да ја донесе одлуката на крајот на тој процес, на таа процедура, за прогласување на кризна состојба. После ваков заклучок на Советот и после оние дискусии што ги имавме на оваа 10-та седница, јас очекувам Владата многу брзо да прогласи кризна состојба на целата територија, изјави претседателот Пендаровски.