45. МОТ се отвора со премиера на „Универзална во пламен – трагедија во шест декади“

Сподели

 

За првпат во хибридно издание и надвор од својот вообичаен термин, од денеска, до 3 декември ќе се одржи 45. Меѓународен театарски фестивал „Млад отворен театар“.

Хибридниот „Млад отворен театар“ ќе се случува на три сцени, и тоа Младинскиот културен центар, Универзална сала, како и во домовите на публиката и под мотото „Ќе има и утре“, со 12 претстави од домашна продукција, но и театарски куќи од Словенија, Србија, Грција и Хрватска.

Фестивалот се отвора со премиерата „Универзална во пламен – трагедија во шест декади“ на Кристина Леловац и Филип Јовановски, ко-продукција на МОТ и Факултет за работи што не се учат (дел од тимот се победниците на Прашкото квардинале за перформанс, дизајн и простор во 2019).

„Универзална во пламен“ е перформанс – есеј за Жан Кокто во прошетка низ скопските улици, за поетот што во пожарот го спасувал огнот, наместо предметите што гореле. Ова е приказна за затворениот објект на Универзална сала, кој официјално не функционира веќе пет години. Но таа е и дел од меморијата на Универзална сала, среде сите настани во нејзината долга историја. Ова е претстава за новата солидарност, која овие времиња ја бараат: за пожарот, трагедијата и за катарзата од која треба да роди нова солидарност како фениксот што се раѓа од пепелта, од пепелта на Грамши.

„Додека општеството дебатира дали еден објект во центарот на градот треба да се урива или не, ние на тоа одговараме со уметност. Немаме историска дистанца од општествениот проблем, што е особен предизвик туку сме еден спроти друг со него и си го поставуваме прашањето која е улогата на уметноста сега во општеството и кое е тоа општество кое нé доведе до овде“ – вели авторскиот тим на „Универзална во пламен – трагедија во шест декади“, Кристина Леловац и Филип Јовановски.

Претставата ќе има 5 премиерни изведби, од 24 до 28 ноември.

 

Во десет фестивалски вечери, покрај оваа, ќе можат се видат уште две премиери, и тоа перформансот „Screensaver“, развиен во рамки на програмата „Современа кореографија и танц“ на Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата и „Херои 4:33“, во режија на Деан Дамјановски на Театар „Ј. Хаџи-Константинов Џинот“ од Велес.

Публиката во фестивалските денови ќе може да ги проследи и продукциите „Траги од Антигона“ на ОДЦ Ансамбл од Грција, „Полковникот птица“ на Гостиварскиот театар, „Ајхман во Ерусалим“ на Загребачко казалиште младих од Хрватска, „Три сестри и Наташа П.“ на Артмедиа и НОБ, „Илузии“ на Wonderland Theatre, „Иднината е приватна“ на Пресврт, „Спроти нештата“ на Словенско младинско гледалишче, „Кожурец“ на Артопија и „Лоунли Пленет“ на Aтелје 212 од Србија.

Цената на билетите за претставите во живо e 300 денари, а онлајн претставите се бесплатни, но неопходен е билет, бидејќи бројот на гледачи на стримот е ограничен. Сите билети се достапни преку bileti.mkc.mk.

Како последица на ситуацијата предизвикана од Ковид 19 во која се наоѓаме, тимот на МОТ го задржува правото на измени во распоредот на претставите.

Фестивалот е поддржан од Град Скопје.