МВР: Се расчистува случајот со украдената марихуана од Јосифово (ВИДЕО)

Сподели

 

 

Министерството за внатрешни работи во текот на 7 и 8 декември по добиени оперативни сознанија, а во координација со јавното обвинителство, презеде мерки и активности за расчистување на кривичното дело разбојништво извршено ноќта 3/4 декември, во склад на правно лице лоциран во с.Јосифово, општина Валандово, при што се одземени близу два тони марихуана, соопшти на денешната прес конференција портпаролот на МВР Тони Ангеловски.

 

 

„По добиената пријава, преземени се мерки и активности за расчистување на случајот и по добиени сознанија извршени се низа претреси во Арачиново, Горно Мојанци, Скопје, како и други локации, при што е пронајден дел од дрогата, како и други предмети поврзани со кривичното дело, а приведени се и дел од осомничените. За случајот до сега се осомничени шест лица и за нив се обезбедени докази. Истрагата продолжува и се проширува. Во координација со обвинителството од Гевгелија, преземаме дополнителни мерки и активности за целосно расчистување на случајот“, рече Ангеловски.