Дали воопшто сакаме квалитетно образование? Ако да, мора да прифатиме дека се потребни коренити промени во ова што го имаме сега. Предложената концепција за основното образование е добар чекор, но ќе биде потребно повеќе.
Пред неколку недели, во рамки на научните „С(ц)иести“ кои ги организира Никола Стиков, имавме дискусија со 20-ина македонски научни работници од разни светски универзитети и институти, за тоа какви промени му се потребни на македонското образование. Мојот став беше дека треба да го следиме нордискиот образовен модел.
Нордискиот образовен модел
Најпознат пример е секако Финска, која Светскиот економски форум пред некоја година ја прогласи за земја со најдобар образовен систем на светот, но всушност сите нордиски земји имаат слични системи и во стручните кругови обично се зборува за нордиски образовен модел.
Суштината на нордискиот модел е што образованието се сфаќа како интегрален дел од општеството, како подготовка на децата за живот во заедница, во која сите ќе се трудат да придонесат за општото добро. Затоа децата се учат на соработка, не на конкуренција; на заедништво, не на индивидуализам. Училиштата се сеопфатни, се учи сè, не се специјализирани и не ги подготвуваат децата за „пазарот на трудот“, туку за „државата на благосостојбата“. Фокусот е на разбирањето и на критичкото размислување, не на учењето напамет, а „меките“ вештини добиваат особено внимание (се учи дури и емпатија). Стресот е сведен на минимум, часовите обично почнуваат подоцна, нема „ѕвонче“, оценувањето е минимално.
Посебно внимание се посветува на квалитетот на наставничките. Наставничката професија е меѓу најпочитуваните и најпрестижните. Критериумите за упис на педагошките факултети се многу строги и само мал дел од кандидатите се запишуваат. Во некои од државите се бара наставниците да имаат завршено магистерски студии. Освен квалитетното иницијално образование, наставниците поминуваат секакви тренинзи и обуки и откако ќе почнат да работат. Особено внимание се посветува на истражувачкото знаење на наставниците и на креативноста и способноста за иновирање. Следствено, и платите на наставниците се повисоки од другите професии.
Во склад со идејата за егалитарност, образованието е достапно на сите. Приватни училишта скоро и да нема. Образованието е целосно бесплатно – училишниот превоз, учебниците, храната, сè е покриено од државата, преку прогресивни даноци. Постојано се вложува во училиштата и во наставните средства и опремата. Државните вложувања во образованието изнесуваат околу 7-8% од БДП, највисоко од сите европски земји, двојно повисоко од тоа што се вложува во Македонија.
Не случајно нордиските земји се секогаш при врвот на ПИСА рангирањата, имаат највисоко ниво на човеков развој на светот и имаат ниски класни разлики.
Извор: Фејсбук страна „Рефлектор“
Новата концепција за основно образование во Македонија
Пред некој ден во јавност излезе новата концепција за основното образование на Министерството за образование и наука. Начинот на кој се појави концепцијата беше нетипичен – на ЈуТјуб каналот на националната веб-платформа за образование „Едуино“ се појави видео од консултативната средба на МОН со директорите и наставниците од основните училишта во државата.
Концепцијата е заснована на анкета за ставовите на наставниците за потребата од промени во основното образование на која одговориле 4200 наставници. Од нив 82 отсто сметаат дека образованието треба да се реформира затоа што не е доволно добро, 61 отсто сметаат дека се учат небитни работи, 75 отсто дека приоритетна сфера за реформирање се учебниците, а 64 отсто – наставните програми. За 64 отсто од испитаниците треба да се намали бројот на предмети, а 57 сметаат дека наставните програми треба да се прилагодат на потребите или интересите на учениците.
Беше истакнато дека ова е првпат да се прави концепција за сеопфатна реформа на основното образование и дека претходните реформи секогаш биле само парцијални. Како главни цели на концепцијата беа наведени најдобриот интерес на детето, мотивацијата на наставниците, и инклузивноста, рамноправноста и интеркултурноста.
Извор: Принтскрин од видеото објавено на ЈуТјуб каналот на националната веб-платформа за образование „Едуино“
Една од новините предвидени со новата концепција е дека се врши интеграција на дисциплини во предмети, во сите девет одделенија. Ваква интеграција има и сега, но само до одредено одделение. На пример, предметот „општество“ се учи заклучно со петто одделение, а „историја“ почнува од шесто; „природните науки“ се учат заклучно со шесто, а „биологија“ почнува од седмо. Интеграцијата предвидува биологијата, хемијата, физиката и дел од географијата да се интегрираат во еден предмет – природни науки; историјата, граѓанското образование и дел од географијата во општествени науки; музичкото и ликовното во еден предмет – уметничко образование; техниката, технологијата и информатиката- исто така во еден предмет. Интеграцијата е образложена со потребата од холистички пристап и пошироко објаснување на феномените, наместо сувопарно меморирање на факти, како што е сега.
Се воведуваат и повеќе изборни предмети. Како странски јазик, ќе може да се избере и албански јазик, а некои од новите изборни предмети се програмирање, математичко-логичко резонирање, сексуално образование, разни спортови, глума, фотографија, готвење, градинарство.
Секое училиште ќе треба да понуди и како задолжителна активност (не предмет) изучување на јазикот и културата на помалите етнички заедници, и задолжителна општествено хуманитарна работа.
Севкупно, се намалува бројот на предмети и часови, а се зголемува времето на престој во училиштето, за да се работи помалку дома. Се зголемува времето за менторирање на учениците, а се намалува времето за предавање.
Наставниот пристап се предвидува да биде интерактивен, со повеќе активни методи на настава, помали групи, повеќе истражувања и проекти. Се става фокус на стимулирање на мислење, наместо на памтење, и се креираат содржини кои се поврзани со реалноста. Се воведуваат дигитални и интерактивни учебници, а се укинува и училишното ѕвонче.
Прашината што се крена
Концепцијата крена голема врева во јавноста, но во какофонија што се создаде, тешко можеше да се слушне каков било аргумент или издржана критика. Од сите промени кои се предвидуваат, најмногу реакции имаше на интегрирањето на историјата со другите предмети во новиот предмет „општествени науки“. Се ширеа дезинформации дека се укинува историјата како предмет и дека тоа се прави за да им се излезе во пресрет на Бугарите.
Извор: Принтскрин од видеото објавено на ЈуТјуб каналот на националната веб-платформа за образование „Едуино“
Ваквите реакции се очекувани, барем до некаде. Кога главна тема во државата, веќе со недели, е насилничкото однесување на официјална Бугарија, кога нивни функционери скоро секојдневно ги негираат македонската историја, јазик и нација, логично е дека домашните „ловци во матно“ ќе пробаат да ја искористат и оваа прилика за да ѝ нанесат штета на власта и да добијат евтини поени.
Ситуацијата ја подгреаја и дел од „инфлуенсерите“ од социјалните мрежи, кои не пропуштаат вакви шанси за набрзина да начкрабаат некаков непромислен статус и да соберат неколку лајкови, небаре не можат да живеат без нив. Тука беше и clickbait новинарството, кое не можеше да одолее на можноста да продуцира сензационалистички наслови и вести кои ќе бидат читани, независно дали се точни или не.
Секако, плодна почва за ваквите реакции е големата недоверба на јавноста во образовните реформи, бидејќи токму претходните неуспешни реформи го доведоа македонското образование на сегашното дереџе. На ова се надоврзува и општата разочараност од тековната влада, поради бројните киксови, на скоро секое поле.
Несомнено, голема улога во негативната атмосфера што се створи имаат и грешките при комуникацијата на Министерството за образование и наука, кое, просто, не смеело да дозволи јавноста да дознае за оваа реформа од случајно откриено видео од некоја консултативна средба. Така се нарушува довербата на јавноста и се остава впечаток дека се сака да се „прошверцува“ нешто.
Кога прашината ќе слегне
Но, лошиот начин на кој реформата излезе во јавност, бројните дезинформации што се појавија околу неа и прашината која се крена, не смеат да ни го замаглат видот и да нè спречат реформата да ја гледаме објективно и рационално.
Извор: fokus.mk
Со години трубиме како на ПИСА тестирањата сме секогаш на европското дно, како образованието ни продуцира функционално неписмени млади. Како училиштата немаат ни сапун, како тоалетите се распаѓаат. Како издвојуваме најмалку средства за образование и наука во цела Европа. И сега, кога некој конечно решил да го средува образованието, и тоа по примерот на Финска, ние се противиме?
Да, претходните реформи во образованието беа неуспешни, и се главната причина зошто образованието денес ни е вакво какво што е. Но, ако секоја предложена промена по автоматизам се дочекува на нож и се отфрла, како очекуваме да се сменат работите?
Трагично е што целата дискусија за реформата се сведе на тоа дали историјата ќе биде посебен предмет, или ќе биде модул во рамки на предмет што ќе се вика „општествени науки“ (или можеби и некако поинаку), во кој ќе има модули и за граѓанското образование и за географијата, при што модулите и понатаму ќе бидат предавани од истите наставници како и до сега. Фокусирањето на една ваква формалност целосно ја промашува суштината, и на предложената реформа, и на нејзините недостатоци.
Предложената концепција за основното образование е во основа добра. За поздравување се намерите за сеопфатна реформа на образованието, за еднаквост, инклузивност и мултикултурност, за воведување општествено хуманитарна работа, за намалување на стресот на учениците, за повеќе менторирање а помалку работење дома, за интерактивни начини на поучување, за истражувања и проекти, за холистички пристап во наставата, за стимулирање на размислувањето наместо учењето напамет, за осовременување и збогатување на наставните содржини, за подобро мотивирање на наставниците. Сè е ова во насока на осовременување на македонското образование и негово приближување кон нордискиот модел.
Но, се поставуваат и многу прашања. Дали ќе има обуки за наставниците, за тие да можат да ги предаваат новите модули холистички и со примена на активни методи? Дали ќе се заострат критериумите за упис на педагошките факултети? Што друго ќе се направи за да се подигне квалитетот и угледот на наставниците? Дали ќе има покачување на нивните плати, кои се пониски од државниот просек, за разлика од спомнуваната Финска, каде се за околу 10 отсто повисоки од просекот?
Дали ќе има инвестирање во нова опрема во училиштата, за наставата да може да се изведува современо, со интерактивни содржини и на активен начин? Едно неодамнешно истражување на Здружението за истражување и анализи ЗМАИ покажува дека училиштата имаат еден компјутер на 23 деца. Како со ваква опременост ќе се спроведува новиот начин на поучување? Дали, за да може да се користат новите дигитални учебници, училиштата ќе обезбедат таблети за учениците, и како ќе се обезбеди инклузија на учениците кои не можат да си дозволат такво нешто?
Што со материјалните услови во училиштата? Како ќе се обезбеди еднаквост, инклузивност и интерактивност, кога, според ОЕЦД, на дури една третина од училиштата во Македонија им е потребно крупно реновирање? Според гореспоменатата студија на ЗМАИ, 23 отсто од училиштата имаат дотраен инвентар, а 21 отсто стари санитарни јазли. Дали има план за инвестирање во овие работи и зошто не слушнавме ништо за ова?
Дали се планира зголемување на вложувањата во образование, од сегашното ниво кое е пониско од 4 отсто од БДП, на ниво слично на финското, од околу 7 отсто од БДП? Според студијата на ЗМАИ, за осовременување на 48 училишта од 10 општини, потребни се околу 20 милиони евра. Во Македонија има вкупно 1100 основни и средни училишта, па лесно е да се сфати дека за да се реновираат сите, потребни се неколку стотици милиони евра. Како би се обезбедиле тие средства, дали преку прогресивни даноци, како во нордиските земји?
Извор: Здружение за истражување и анализи ЗМАИ, „Методологија за распределба на општинските буџети за основните училишта“, стр. 44
Предложената концепција сама по себе нема да биде доволна. За таа да може да се реализира, ќе треба значајно да се зголемат државните вложувањата во образованието, да се направи сеопфатен план за реновирање на сите училишта во земјата, да се подобри квалитетот на наставниците и да се зголемат нивните плати. Без тоа, сè ќе остане само на добри намери.
Долг е, и трновит, патот до квалитетно образование. Прашањето кое треба да си го поставиме сите е – дали воопшто и сакаме да тргнеме по тој пат? Ако да, мора да прифатиме дека ни се потребни крупни, коренити промени во образованието. А Владата мора да прифати дека ќе биде потребно повеќе од предложената концепција за основното образование.
respublica.edu.mk