Дали светот може да се смета за слободен ако е поделен на сфери на интерес помеѓу големите сили? Или, можеби треба да се постави сложеното прашање: Дали постои само една сфера на интерес, во име на која се залажува човештвото со илузии за демократија, за рамноправност во меѓународните односи, за еднакви економско-социјални и цивилизациско-културни можности?
Се чини оти она за кое луѓето допрва треба да станат свесни е дека најглавниот, суштински елемент на интересните сфери е кршењето на суверената еднаквост на други државноправни ентитети и поништување на принципот на еднаквост и независност на народите и државите. Во минатото, со оглед на неморалноста на договорите за интересните сфери, владеачките сили на големите држави се труделе да пред својата јавност дадат објаснување и најдат оправдување за таквите чекори. Таа манипулација на домашното, а и светското јавно мислење, се вршела преку различни пароли: потреба на „повисоките државни интереси“, или „одговорност за ред и мир“ во некој дел од светот, или „христијанска должност“ да се заштитат соверниците, па дури и должност за некаква расистичка „цивилизаторската мисија“… САД уште во 19. век ја прогласиле цела Јужна Америка за своја интересна сфера со изговор дека не сака да дозволи интервенција на Светата алијанса (Шпанија и Португалија) на тој простор и заради „заштита“ на сопствената „национална безбедност“, без притоа да даде било какво задоволувачко и издржано објаснување кои национални интереси може да се наоѓаат илјадници километри надвор од нејзината територија.
Смртниот непријател на „интересните сфери“ е подготвеноста на народите и независните држави да го бранат својот суверенитет и да се борат за својата независност и право на самостоен живот. Наспроти оваа „внатрешна“ подготвеност за одбрана, големите држави го „омекнуваат“ отпорот на своите жртви преку предизвикување на внатрешни меѓунационални, меѓуполитички, економско-социјални и, понекогаш граѓански вооружени судири, пропратени со силна деморализирачка медиумска пропагандна кампања за бесперспективноста на борбата за национална независност и државен суверенитет.
Денес, светот е сè повеќе биполарен, па Вујко Сем не мора премногу да се труди да ја оправдува својата неморална и непринципиелна улога на „светски џандар“. Но, сè уште, во државите кои се „непослушни“ и кои се во негова сфера на интерес (а таа е – цела планета), тој е принуден да прибегнува кон жестока медиумска кампања и политички антагонизам „со цел да ја врати загубената демократија“. На домашен терен, паралелно со ова, потребни му се дополнителни средства: производство со согласност за надворешнополитичките чекори, производство на оружје, измама на „глупавите маси“ со „неопходните илузии за загрозеност од тероризам, социјализам, исламизам…“ Медиумите ја имаат клучната улога во следењето на ваквите неофашистички и неоколонијлни „политики“ на економско-политичката неолиберална елита. Тие се ангажирани да вршат и вршат „инженеринг на свеста“, преку кој се произведуваат непријатели, па потоа се оцрнуваат и против нив се предизвикува и распространува омраза и гнев како кон „тоталитарни режими кои ги кршат демократските права и ги репресираат своите граѓани“. Примерите кои ги сведочиме во современоста се очигледни: за медиумска демонизација, според потребите на Големиот Газда од Белата Куќа, на „копче“ се појавуваат, па ги снемува, па пак се враќаат „лошите дечки“ Кастро, Гадафи, Мадуро, Али Хамнеи, Ким Џонг Ун, Путин, Лукашенко, Асад…
Но, веќе на сите им станува јасно, она што умниот Ноам Чомски го запиша: „Не може да има демократија во земја… каде што виталните национални интереси се напуштени за да им се служи на целите на странците…“ Поинаку кажано, не може никако да е добро за оние кои се наоѓаат во нечија сфера на интерес и ги подредиле својата слобода и правда на Големиот Брат. Денешниве неолиберални господари на светот се убедени дека го достигнале крајот на историјата, дека тие се победниците во големата „историска битка“ меѓу цивилизациите, меѓу Истокот и Западот, меѓу богатите и сиромашните, дека никој и ништо нив не им може… Затоа си играат со човечките судбини, со судбините на државите и со судбината на планетата Земја, а нивните кучиња чувари од интелектуалната и медиумската менажерија се дерат, се пенат, прават гримаси кон се’ она што се пројавува како барање за еднаквост и правда, односно сите оние кои можат да го загрозат моќта, капиталот и профитот на нивните газди. Но, нивните надежи се плитки. Не постои низ историјата крај на борбата за слобода и еднаквост, ниту постои голема империја која не паднала и пропаднала. Тоа е неодбеглив оштествено-историски процес.