Дрисла станува современа депонија

Сподели

 

Во релативно краток период и во кризна година поради пандемијата од Ковид-19, ЈП Дрисла успешно се справи со предизвиците и приоритено ја консолидираше финансиската состојба на депонијата. Затекнатиот долг од околу 175 милиони денари, за една година го намали на околу 90 милиони денари, односно долгот кон 156 фирми сега е сведен на долг кон 30 фирми. На почетокот од 2020 година, ова претпријатие имаше побарувања од околу 100 милиони денари, а на почетокот од годинава има побарувања од околу 128 милиони денари.

 

 

Откако ЈП Дрисла е повторно во надлежност на Градот набави нов стерилизатор за третман на медицински отпад од познатата италијанска марка ЦИСА, што е иновативен систем целосно автоматизиран со висока технологија и квалитет. Со набавката на стерилизаторот се стави крај на неодговорното и несовесно постапување со медицински отпад, односно несоодветната обработка на медицинскиот отпад, којшто потоа завршуваше на Дрисла како обичен отпад, што претставуваше потенцијална опасност за животната средина и за здравјето на луѓето. Новиот стерилизатор е со капацитет од 2 000 литри и може за еден час да третира 350 килограми отпад што ги задоволува дневните потреби на депонијата. Системот за третман на медицински отпад е опремен со шредер што го намалува до 80% неговиот волумен, со сува вакуум пумпа што придонесува за заштеда на потрошувачката на вода и до 98%, како и систем за заштеда на енергија кој истовремено обезбедува и еколошка безбедност и не дозволува  воздухот што го испушта стерилизаторот да ја загадува околината.

 

 

За една година, градежните машини со кои располага и кои се во сопственост на претпријатието се комплетно сервисирани во сервисот на претпријатието и се повторно вратени во употреба за тековно извршување на активностите во депонијата, а со самото тоа се заштедени големи финансиски средства кои претходно се користеа за изнајмување на машини. Претходно, овие градежни машини неколку години не се употребуваа поради големи дефекти и претпријатието работеше со изнајмени машини.

 

 

Старите и дотраени теренски возила се заменети со нови 3 теренски возила, неопходни за непречено движење по пристапните патишта до депонијата кои се тешко проодни со лесни моторни возила. По десет години комплетно се отворени и дренажните канали околу целата депонија.

За редовно мерење на амбиенталниот воздух, а со цел намалување на трошоците на изнајмување на мерна станица, набавена е нова мерна станица за амбиенталниот  воздух со автоматско ажурирање на податоците на една минута, а продолжена е и важноста на А – интегрираната дозвола.

 

Воведен е нов софтвер за дигитализација на деловните процеси и на процесите за третман на отпадот на депонијата согласно со европските стандарди. Поставен е нов систем за видеонадзор, со што целата површина на депонијата е комплетно покриена со камери, со што се овозможува целосен мониторинг на функционирањето на претпријатието. Пуштено е и улично осветлување на целата површина на депонијата, со што се овозможува непречено извршување на работните задачи на вработените во трета смена.

Со повторното преземање на депонијата Дрисла од Град Скопје е решен долгогодишен комунален проблем на граѓаните.