Македонија по 12-ти пат се вклучува во акцијата “Часот на планетата Земја”

Сподели

 

„Нашиот сегашен начин на живеење доведува до катастрофално уништување на природата што ја зголемува нашата ранливост кон пандемии, ги забрзува климатските промени и ја става во ризик нашата егзистенцијата. Затоа е важно да сфатиме дека секој од нас има моќ да направи промена, а нашата акција е мал поттик и повик за акција кон целиот свет.“

 

 

Милиони луѓе ширум светот виртуелно ќе се обединат во испраќање на заедничка порака за спас на планетата Земја, во сабота на 27 март, кога ќе се одржи глобалната еколошка акција Часот на планетата Земја. Точно во 20.30 часот по локално време во мрак ќе потонат илјадници споменици ширум светот за да предупредат дека климатските промени се случуваат сега и тука.

Нашата земја 12 години по ред зема активно учество во еколошката акција за спас на Земјата, обединувајќи стотици илјади луѓе ширум државата во едночасовниот глобален мрак.

Официјално беше објавен и рекламниот спот, во кој поддршка дадоа Црвениот крст на РСМ и Здружението на извидници на Македонија, како и голем број на познати личности, меѓу кои актерот Васил Зафирчев, зоологот Војо Иванов и водителите Ване Марковски и Јана Серафимова.

Ѓорги Селков од локалната канцеларија на акцијата во Македонија, вели дека поради пандемијата, оваа година настанот ќе се одбележи виртуелно и повикува акцијата да ја префрлиме од улиците во нашите домови, со тоа што ќе ги исклучиме непотребните светилки во период од еден час.