Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје, денеска организира чествување по повод 5 Мај – Денот на македонскиот јазик и 100 години од раѓањето на Блаже Конески, каде ќе биде промовирано електронското издание на Толковниот речник на македонскиот јазик, дело на 21 автор.
Електронското издание на Толковниот речник може бесплатно да го користат сите граѓани и сите проучувачи и почитувачи на македонскиот јазик. Ова е подарок од Владата на Република Северна Македонија, од Министерството за образование и наука, од авторите и од Институтот за македонски јазик до граѓаните.
На промоцијата обраќања ќе имаат претседателот на државава Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев, директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ –Скопје, Јованова – Грујовска и раководителката на електронското издание на ТРМЈ, Снежана Велковска.