Повик на „Чекор по чекор“ за 150 стипендии за деца со попреченост

Сподели

 

Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ во соработка со Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ и Здружението за давање услуги на лицата со попреченост „Хендимак“, го реализира Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“. Проектот е финансиран од Европската Унија и има за цел да обезбеди целосна и рамноправна вклученост на децата со попреченост во редовните основни училишта.  

 

Како дел од Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ во текот на учебната 2020/2021 година, обезбедени се стипендии за 322 деца со попреченост кои се запишаа и редовно посетуваа настава.

Проектот ќе ја продолжи поддршката на овие стипендисти, но и ќе овозможи дополнителни стипендии за нови 150 ученици со попреченост запишани во прво одделение во учебната 2021/2022 година. Огласот за новите 150 стипендисти е отворен на интернет страница на Фондацијата „Чекор по чекор“ www.stepbystep.org.mk (на македонски и на албански јазик).

Огласот е отворен до 30 септември 2021 година и може да аплицираат сите родители/старатели на деца со попреченост запишани во I одделение во основните училишта. За дополнителни информации, заинтересираните можат да се обратат на 072-307-326 или на: stipendii@stepbystep.org.mk.

Висината на месечната стипендија е 50 ЕУР во денарска противвредност и истата ќе се доделува за 10 месеци, од септември 2021 г. до јуни 2022 г. Задржувањето на стипендијата во следната учебна година зависи од редовноста на ученикот во училиште и успешниот премин во следното одделение.

Семејствата на кандидатите кои ќе добијат стипендија не го губат правото на гарантираната минимална помош согласно член 4 од „Правилникот за начинот на остварување на правото на гарантирана минимална помош…” (Службен весник на РСМ, бр. 109 од 28.5.2019 година)[3]: При остварување и користење на правото на гарантирана минимална помош, стипендијата не се смета како приход.

denesmagazin.mk