Грција: Учениците се враќаат на училиште со потврда од негативен тест

Сподели

 

Сите ученици од основните и средните училишта во Грција, од денеска се враќаат во училишните клупи, со задолжителна потврда со негативен резултат од направен тест за домашна употреба, односно т.н. селф тест, како и со задолжителна употреба на маски јави дописничката на МИА од Атина.

Минатиот месец беа отворени само повисоките класови од средните училишта, додека пак денеска, започнува редовната настава и за останатите ученици, по паузата поради рестрикциите и карантинот во земјата.

Враќањето во училишните клупи, овој пат е поразлично, со оглед на тоа дека селф тестовите се задолжителни како за учениците, така и за наставниците и професорите и тоа два пати седмично, а без соодветна потврда не е дозволен влез во училиштата.

Вчера, неколку часа имаше проблем во системот на сајтот за пријавување на резултатите од тестовите, а според грчките медиуми биле пријавени десетици позитивни резултати.

Заедно со училиштата, денеска се отворија и забавиштата, а минатата седмица беше соопштено дека на 17 мај ќе се отворат и детските градинки.