Владите ширум светот имаат тенденција да ги следат своите национални интереси, наместо да следат глобално координиран пристап.
Пандемијата зад себе остава пустош. Стотици илјади животи се загубени. Штетата за економијата е подеднакво трагична, безброј луѓе останаа без работа и има можност повеќе од 70 милиони луѓе да останат во услови на екстремна сиромаштија. Светската економија е пред колапс, а последиците ќе се чувствуваат со години.
Со рекордно брзото откривање на вакцините против КОВИД-19 помисливме дека конечно ќе го видиме крајот на пандемијата и дека навистина имаме причина за славење. Меѓутоа, со оглед на тоа што развиените земји го зедоа за себе поголемиот дел од дозите, мнозинството од светското население веројатно нема да биде имунизирано во 2021 година, што значи и продолжени последици од КОВИД-19.
За луѓето во богатите земји, прашањето не е дали ќе примат вакцина, туку која и кога. На другите земји во Европа не им се потребни вакцини толку многу како на Балканот, со исклучок на Србија. Процентот на население кое примило вакцини во Србија е меѓу највисоките на континентот, со повеќе од милион дози обезбедени од Русија и Кина. Тоа е предноста за земја-кандидат за членство во ЕУ, која истовремено е историски сојузник на Русија и Кина.
Другите земји на Балканот имаа намера да ги чекаат вакцините и да се потпрат на ветената солидарност на ЕУ, но со текот на времето ја согледаа својата заблуда. Ќе бидат потребни години за да се вакцинираат луѓето што живеат во земјите во развој. Ова не е само поради недостаток на инфраструктура за дистрибуција на вакцините, туку се должи и на недостаток на ресурси за преговори за набавка на вакцини, што, пак, ги зголемува здравствените и општествено-економските нееднаквости.
Вакциналниот национализам не е нова појава
Вакциналниот национализам не е нешто ново. Тој е дел од нееднаквостите во меѓународниот систем кои постојат многу долго време.
А што е вакцинален национализам?
Со пандемијата се воведоа нови фрази кои претходно ретко се користеле во нашите јазици: „социјално дистанцирање“, „сплескување на кривата“ итн. Сега се користи уште една нова фраза: „вакцинален национализам“.
Вакцинален национализам се случува кога земјите потпишуваат договори со фармацевтски компании за снабдување на сопствените граѓани со вакцини, пред тие да станат достапни за остатокот од светот.
Уште во 1996 година, антивирусните лекови направија целосен пресврт во лечењето на ХИВ/СИДА во развиениот свет, со што се спасија многу животи. Меѓутоа, беше потребна речиси цела деценија лековите да станат широко достапни и во другите делови на светот, како што е Африка, најтешко погодениот континент. Исто така, искуството од пандемијата на грипот H1N1 во 2009 година, на сипаници и детска парализа, и појавувањето на новиот коронавирус, укажува на тоа дека, како одговор на ваквите кризи во јавното здравство, владите ширум светот имаат тенденција да ги следат своите национални интереси, наместо да следат глобално координиран пристап.
Извор: ft.com
Законите што ги пишуваат или користат богатите земји се инструменти за влошување и проширување на глобалните нееднаквости – било да е тоа во трговијата, климатските промени или здравствениот пристап. На пример, богатите земји ги одбија иницијативите во Светската трговска организација (СТО) за откажување од традиционалната заштита на интелектуалната сопственост, со цел да може да се направат пристапни верзии на вакцините за земјите во развој. Ова е пример за ставање монопол врз наодите од истражувањата.
Има лек за вирусот, но има ли и за вакциналниот национализам?
КОВИД-19 разоткри две противречности. Од една страна, човештвото е меѓусебно поврзано и сè што ќе се случи на едно место влијае на целото човештво. Од друга страна, владите имаат тенденција да ги следат сопствените интереси наместо да следат глобално координиран пристап.
Постојат напори како Механизмот за глобален пристап до вакцини против КОВИД-19 (COVAX) кои се фокусираат на брзата, фер и правична дистрибуција на вакцините. Тоа се охрабрувачки иницијативи за минимизирање на вакциналниот национализам и спречување тој да стане пречка за победата над КОВИД-19, на пример, преку спречување на продавањето вакцини на оној што ќе понуди највисока сума.
Нема да ја ставиме пандемијата под контрола сè додека не се воспостави контрола насекаде. Глобализираните здравствени опасности ја потенцираат потребата за колективно глобално дејствување. Ова е голем ризик за огромните достигнувања во намалувањето на сиромаштијата и промовирањето на социјалната правда низ целиот свет во изминативе неколку децении.
Во услови на ваков нападен национализам, регулативите и мерките за одржување физичко растојание ќе продолжат да влијаат негативно на клучните сектори на економиите во развој, имајќи предвид дека повеќето од тие сектори се потпираат на мало физичко растојание помеѓу луѓето.
Исто така, многу од ограничувањата за патување што сите би сакале да се укинат, ќе мора да останат во сила. Глобалната трговија ќе продолжи да страда, со тоа што многу земји ќе се фокусираат навнатре, а границите ќе останат затворени. Нема да биде безбедно да се патува во некои земји. За да се стави крај на пандемиската сага и да се ублажат кризите што ќе следуваат по неа, вакцините мора да бидат достапни насекаде, не само во земјите што можат да си ги дозволат.
Понатаму, повикот за правичен пристап не се однесува само на рамноправноста меѓу земјите туку и за рамноправност во самите земји. Вакцините треба да им се дадат прво на оние на кои им се најпотребни, што значи стари лица, работници во суштински дејности и здравствени работници и лица со хронични и тешки здравствени проблеми. Вакцините мора да одат таму каде што е потребно.
Инвестирањето во фер пристап до вакцини е економски корисно ако се гледа долгорочно, бидејќи е пологично од бизнис аспект и може да претставува основа за зајакнување на глобалната соработка. Една студија од Фондацијата за истражување на Меѓународната стопанска комора (МСК) откри дека глобалната економија ќе изгуби цели 9,2 милијарди американски долари ако владите не успеат да обезбедат пристап до вакцините против КОВИД-19 за земјите во развој. Исто така, проценките покажуваат дека трошоците за обезбедување вакцина за секој се помалку од 1 процент од предвидената штета што пандемијата ќе ја предизвика за глобалната економија.
Еднаков пристап до вакцини за сите
За сето ова да опстои, потребни се применливи рамки за развој и дистрибуција на вакцини. На овој начин, земјите ќе бидат обврзани со договор со кој ќе управуваат воспоставени меѓународни форуми. Треба да се има на ум дека, иако вакцините се чини дека се единствената надеж да закрепнеме од пандемијата, не треба да ги заборавиме подеднакво важните мерки – од основните хигиенски интервенции до напорите за економско закрепнување, како и системите за социјална поддршка.
Итањето на развиените земји да натрупаат вакцини за себе, исто така, најчесто ги потврдува перцепциите на земјите во развој за глобалниот поредок – односно, дека секоја земја си гледа за себе и дека меѓународните институции се слаби. Ова претставува ризик за уништување на идната глобална солидарност против глобалната криза и го отежнува спроведувањето на рамките споменати погоре.
Најчестата, а всушност и оправдана реакција на пандемијата е спасување животи и примена на многу ад хок мерки потребни за решавање на економските и социјалните последици од вирусот. Меѓутоа, честопати се случува да не се посвети доволно внимание на справувањето со кризата на посистематски начин, со среднорочна и долгорочна перспектива.