ИЛИ-ИЛИ: Нова поетска книга “Гранична состојба” од Лидија Димковска

Сподели

 

Поетската збирка „Гранична состојба“ од Лидија Димковска е нејзина седма поетска книга, после временска пауза од четири години од последната „Црно на бело“, во издаваштво на ИЛИ-ИЛИ.

 

 

Оваа поетска збирка се комплетира во година кога авторката добива дури две меѓународни поетски наради за нејзиното досегашно творештво, и двете како прв(а) македонски(а) поет(еса):  наградата “Чаша на бесмртноста”, за десетгодишен поетски опус што ја доделува поетскиот фестивал “Лириконфест”, во Велење, Словенија и наградата “Наим Фрашери” што ја доделува поетскиот фестивал “Денови на Наим” во Тетово.

На тој начин новата поетска збирка „Гранична состојба“ на Лидија Димковска претставува нов лирски меѓник во нејзината поетска ориентација кој донесува нови, актуелни и универзални стихови за човекот, неговото постоење и предизвиците со кои се соочува сега и овде, но и во вечноста.    

*Гоце Смилевски за „Гранична состојба“:

 Песните од новата стихозбирка на Лидија Димковска се директен одговор на горливите прашања кои ги поставува актуелниот миг, и кои се поврзани со егзистенцијалните тегобности, личното и колективното сеќавање, односот на историјата и сегашноста, мигрантството, засилувањето на ксенофобијата, исчезнувањето на хуманоста и солидарноста, неизвесностите на постоењето – сето она што ни го донесе почетокот на векот, или што ние му го донесовме на овој век, од кој истрошивме дваесет и една година. Тие се песни на храброст и непомирливост, на искреност и на бескомпромисност, квалитети кои отсекогаш биле карактеристики на поетиката на Димковска. Од друга страна, наспроти овие одлики-константи, тоа е поетика која низ годините, од првообјавата „Рожби“ пред скоро три децении, па сè до денес, постојано се метаморфозира и развива, и сега е дојдена до степен на потполна отвореност кон фактографското, кон наративното, кон промислување на суштествувањето низ поетското создавање. Согледана во таа развојна низа, „Гранична состојба“ претставува една од кулминативните точки во творечкиот опус на Димковска. (Гоце Смилевски)

 

 

Лидија Димковска (1971, Скопје, Македонија) е поетеса, романописка и преведувачка од романски и словенечки на македонски јазик. Објавила шест поетски збирки (Рожби од Исток, Огнот на буквите, Изгризани нокти, Нобел против Нобел, pH неутрална за животот и смртта и Црно на бело), три романи (Скриена камера, Резервен живот и Но-Уи), еден американски дневник (Отаде Л.) и една збирка куси раскази (Кога заминав од Карл Либкнехт) преведени на повеќе од дваесет јазици.

Димковска ја добила македонската награда за дебитантско поетско дело „Студентски збор“, двапати наградата за проза „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија, наградата за најдобар превод „Божидар Настев“, германската награда за поезија „Хуберт Бурда“, романските „Поесис“ и „Тудор Аргези“, европската награда за поезија „Петру Крду“, наградата на Европската Унија за книжевност за романот „Резервен живот“, Специјалното признание „Европско културно наследство“ за најдобар расказ, словенечката награда „Чаша на бесмртноста“ за десетгодишен поетски опус, албанско-македонската награда „Наим Фрашери“ за животно поетско дело  и др.