Нова верзија на мобилната апликација на ЈП Паркинзи на Општина Центар

Сподели

 

Јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи на Општина Центар“ денес ја пушта во употреба најновата верзија на ПОЦ мобилната апликација со нови функционалности  и значителни подобрувања на дизајнот и прегледноста.

Најголем новитет на апликацијата е Green Pay паркичникот кој ќе им овозможи на корисниците на Green Pay платежната картичка да вршат трансфер на средства во зелената мрежа во реално време, надополнување на картичката од други платежни картички, увид на секоја трансакција и детален преглед на остварени средства при рециклирање на пластикомати. Мобилната апликација, исто така, ќе овозможува и емулација на Green Pay картичката односно граѓаните ќе можат да ја користат како платежна картичка преку мобилниот телефон.

„Во изминатиот период со проектот „И отпадот има вредност!“ воведовме многу новитети за жителите на Општина Центар кои ги проширија услугите кои ги нуди претпријатието. За таа цел неизбежно беше да се направи нова верзија на апликацијата која ќе им овозможи на корисниците брзо, лесно и едноставно користење на сите наши услуги. Со новиот апдејт ги поправивме сите багови од старата верзија на апликацијата  и воведовме многу нови функционалности. Ние нема да застанеме тука, ќе продолжиме континуирано да работиме на развојот на апликацијата.“ – изјави Васко Кичевски, директор на „ЈП „Паркинзи на Општина Центар“.

Мобилната апликација нуди безбедна активна геолокација за прецизна одредба на паркинг зоната, електронско плаќање паркинг, склучување и продолжување договор за резиденти и нерезиденти и електронско плаќање за истите, најавување на гостински регистрации преку новата Green Pay картичка, пријавување на оштетена урбана опрема на територија на Општина Центар со прикачување на фотографија, електронско плаќање на дневна паркинг карта (ДПК), месечен билет и други типови на билети, како и многу други поволности.

Веќе од денес, апликацијата е достапна и на англиски јазик со цел странските граѓани да имаат можност непречено да ги користат онлајн услугите на претпријатието.

Мобилната апликација може да се преземе на App Store и Play Store. Со првото преземање на апликацијата сите корисници ќе добијат 2 часа бесплатен паркинг, додека жителите на Општина Центар ќе добијат 30 часа бесплатен паркинг во гостинскиот пакет на Green Pay картичката.