Павиќевиќ: Срамно е да се наплаќаат свидетелства – да им се вратат парите на учениците

Сподели

 

Сојузот на средношколците бара да им се издадат свидетелствата на средношколците, додека четирите средни училишта кои им зедоа пари на учениците за свидетелства под итно да им ги вратат назад. Новиот лидер на Сојузот на средношколците, Лука Павиќевиќ денеска одржа прес-конференција пред Министерството за образование и наука во врска со проблемите околу издавањето свидетелства.

„Некои училишта прават бизнис од јавното образование кое според законот е бесплатно. Бараме Државниот просветен инспекторат јавно да ги објави извештаите за спроведените инспекции во четирите училишта кои претходно ги именуваме“, изјави Павиќевиќ на денешната прес-конференција.

Ги поздравуваме инспекциите, но не интересира методологијата и како инспекторите дошле до заклучоците, рече тој. Инспекторатот бил исконтактиран од Сојузот на средношколците на 14 јуни и до денес не добиле одговор, а извештаите треба да бидат јавни. Тие се надеваат дека наредните денови ќе ги добијат извештаите од Државниот просветен инспекторат.

Павиќевиќ директно им се обрати на четирите средни училишта (средното медицинско училиште во Тетово, средното економско училиште во Тетово, гимназијата Зеф Љуш Марко во Скопје и прилепската гимназија Мирче Ацев), барајќи да им се вратат парите на учениците.

„Срамно е да се наплаќаат свидетелства кога било, но особено во училишна година целосно одржана преку неквалитетна онлајн настава со професори кои беа слабо обучени или воопшто не беа“, рече Павиќевиќ.

Тој дополни дека откако задоволството на социјализацијата на средношколците им беше одземено, сега им е одземено и задоволството да се гордеат со своите успеси преточени во свидетелство.

„Бирото за развој на образование од необјасниви причини оваа година не ги обезбеди свидетелствата за сите средношколци на ниво на државата“, вели Павиќевиќ.