Денеска во Министерството за внатрешни работи, министерот Оливер Спасовски со најблиските соработници присуствуваше на промоцијата и презентирањето на новите ласерски радари наменети за потребите на сообраќајната полиција опремени со уред за ноќно снимање, далеку посупериорни од досегашните. Набавката вредна 21.257.175 денари е направена согласно побарувањата, односно потребите на Единиците за сообраќај во МВР, следствено на актуелните европски полициски стандарди во овој дел од полициското работење, согласно законските норми и согласно нашите проекции за развој и унапредување на функционирањето на сообраќајната полиција.
“Со оваа набавка нашето Министерство е единствено во регионот кое располага комплетно со уреди од последната генерација, од кои невозможно е да се избрише снимениот материјал, при што бројот на уреди за брзина и алкохол по глава на жител е на исто или дури и повисоко ниво од земјите од Европската Унија.Во крајна линија, сите сме сведоци дека од 2017 година наваму, како раководство на МВР, без престан инсистираме и делуваме на континуирано организационо и, пред сѐ, материјално-техничко опремување на сите наши служби, што како процес напоредно течеше со процесите на полициски реформи” – истакна пред присутните министерот Спасовски.
“За сите нас исклучително важен е фактот што безбедноста во сообраќајот веќе одамна ја третираме не само како прашање на почитување на законската регулатива од таа област или, пак, само како стручно опсервирање на квалитетот на сообраќајната инфраструктура туку, пред сѐ, како приоритетен сегмент, во кој се пресликува нашата посветеност за создавање на безбедни средини за граѓаните, но и поширока по обем проблематика од јавен, односно општествен интерес. Оттаму сосема се логични и неопходни нашите секојдневни активности, не само во поглед на засилените сообраќајни контроли по патиштата низ државата, туку и во делот на материјално-техничкото унапредување на сообраќајната полиција за квалитетно извршување на своите работни обврски и надлежности. Во таа смисла денешнава промоција на 50 модерни, технички високо-софистицирани радарски уреди, што МВР по пат на јавна набавка ги обезбеди за службениците на сообраќајната полиција, е уште еден, за нас многу значаен исчекор, во насока на утврдената цел – зголемување на безбедноста на сообраќајот на патиштата. Уверен сум дека со овој нов зафат уште повеќе ќе се зголеми ефикасноста и квалитетот на сообраќајната контрола што, пак, треба да даде свои резултати во зголемување на нивото на безбедност на сообраќајот на патиштата” – рече министерот Спасовски на денешнава промоција на новите радари во министерството.