Владата на вчерашната седница, на предлог на Комисијата за човечки ресурси и одржлив развој донесе Одлука за одобрување средства од резервите на Буџетот за 2021 година со која ќе се додели парична награда од по 10.000 денари за вкупно 300 лица од кои дел пожарникари, а дел останати граѓани кои помогнаа во гаснењето на шумските пожари, кои ја зафатија територијата на државата.
Листата на граѓани кои ќе ја добијат наградата ќе биде утврдена во соработка со општините, Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи.
На седницата, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ги информираше своите колеги и колешки од Владата за состојбата со пожари во државата, потенцирајќи дека безбедноста на граѓаните останува приоритет и информирајќи подетално за помошта која ја нудат соседни и пријателски земји за гасење на пожарите во Република Северна Македонија.
Владата донесе заклучоци и тоа:
– го задолжи Генералниот секретаријат, во консултации и соработка со Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и Центарот за управување со кризи (ЦУК) за обезбедување на сместување и храна за лицата кои како странска помош доаѓаат да помогнат со санирање на пожарите.
– да се обезбедат податоци за прифаќање на техничка помош и помош во работна сила за обновување на објектите кои претрпеле штети при пожарите, понудена од Швајцарската Конфедерација.