По повод донесеното Решение за распишување на Локалните избори 2021 година, Државната комисија за спречување на корупцијата излезе со соопштение до јавноста, во кое им укажува на институциите основани од државата, како и на единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија формирани од нив, на нивната обврска за доследно почитување и примена на одредбите од Изборниот Законик, како и на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, коишто се однесуваат на ограничувања и забрани на одредени активности во изборниот период.
ДКСК ја информира јавноста дека и оваа година, на веб страната на ДКСК е поставен образецот „ПРИЈАВА“ со цел брзо и навремено пријавување на незаконски постапувања на учесниците во изборите, или за повреда на претходно наведените ограничувања и забрани. Секој граѓанин може да поднесе пријава, анонимно или со свои лични податоци, без можност од закани или притисоци.
“Ги повикуваме сите државни органи, органите на локалната самоуправа, јавни претпријатија или други правни лица што располагаат со државен капитал да извршат ажурирање на податоците за службените возила со кои располагаат во „РЕГИСТАРОТ на возила на државни органи, органи на локалната самоуправа, јавни претпријатија или други правни лица што располагаат со државен капитал“, за што во текот на денот ќе бидат известени преку електронска пошта.
Исто така ја повикуваме јавноста да го користи објавениот „РЕГИСТАР на возила на државни органи, органи на локалната самоуправа, јавни претпријатија или други правни лица што располагаат со државен капитал“ и секоја злоупотреба на возилата за партиски или изборни цели да биде документирана и пријавена.
Воедно потсетуваме дека и оваа година, исто како и за претходно одржаните избори, на веб страната на ДКСК е поставен образецот „ПРИЈАВА„ со цел брзо и навремено пријавување на незаконски постапувања на учесниците во изборите, или за повреда на претходно наведените ограничувања и забрани. Секој граѓанин може да поднесе пријава, анонимно или со свои лични податоци, без можност од закани или притисоци”, се наведува во соопштението на ДКСК.
ДКСК посочува дека и оваа година ќе воспостави посеопфатно следење на активностите на учесниците во изборната кампања преку: обезбеден пристап до трансакциските сметки на сите учесници со цел увид во средствата кои се прибираат за финансирање на изборната кампања, обезбеден пристап до бази на податоци од неколку институции ,како и ангажирање на набљудувачи за следење на активностите на учесниците во изборната кампања на терен.